top of page

Италијанците не можат да го објаснат поразот од Македонија, ниту да го преболат

Updated: Mar 25, 2022

24.03.2022 Mart Cetvrtok

Ветеранот Џорџо Киелини не може да поверува што ѝ се случи на италијанската фудбалска репрезентација на вечерашниот дуел со Македонија 0-1, во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар. Искусниот дефанзивец влезе во игра во самата завршница на средбата, непосредно пред решавачкиот гол на Александар Трајковски. Киелини чиј настап беше доведен во прашање поради проблеми со повреда, пред дуелот во Палермо истакна дека Италија не смее да се плаши од Македонија.

Џорџо Киелини/Фото: Принт-скрин

– Тешко е да се објасни. Огромно разочарување за нас. Одигравме добар натпревар, но не можевме да постигнеме гол. Од септември до денес направивме грешки и плативме за нив. Јасно е дека сме уништени и здробени, ќе остане голема празнина во нас. Имаме многу добри млади играчи и ќе се обидеме да одиме да го освоиме следното ЕП и да се пласираме на СП 2026. Вечерва не примивме ништо освен голот. Создадовме многу шанси, но за жал не успеавме да реализираме. Се надевам дека оваа празнина ќе ни даде поттик да започнеме повторно. Сѐ уште се надевам, затоа што Манчини се покажа како одличен тренер и може да ни помогне да се рестартираме – истакна Киелини.

Италијанските фудбалери беа испратени со свирежи од теренот во Палермо, додека Македонија го славеше пласманот во финалето на баражот, во кое ќе се сретне со Португалија во Лисабон, во вторник.

Газета: Трајковски ни приреди катастрофа, збогум Мундијал

Италијанските медиуми не можат да го преболат поразот од македонската фудбалска селекција, која вечерва во Палермо го совлада актуелниот европски шампион со 1-0 и се избори за финале во плејофот за пласман на Светското првенство.

– Збогум Мундијал, збогум Европско, збогум сè. Опсада во текот на целиот натпревар која се покажа бескорисна, а во 47-та минута од вториот дел, кога сите сега чекаат продолженија, по уште еден натпревар во кој веќе не знаеме да победиме, топка до Трајковски, екс фудбалерот на Палермо, и неверојатен удар од над дваесет метри. Совладан Донарума, а Италија на колена. Катастрофа. Италија – Македонија 0-1. Авантурата заврши, Италија ја нема, играта на Манчини веќе не постои, а можеби ќе се спасат Бастони, Верати, малку Флоренци и Распадори. Останатите не. Имобиле и Инсиње, лош Манчини, лош Барела, Жоржињо многу далеку од тоа што беше. Заслужуваме да останеме надвор од Светското првенство. Македонија оди во разигрување со Португалија. Се вративме во апокалипсата. За жал, малку, но не е доволно – пишува „Газета дело спорт“.



 
 
 

Comments


bottom of page