Италијанката што ја отпеа „Море сокол пие“ на концерт во Скопје
На 11 декември е закажана премиерната дружба со македонската публика и концертот на Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO). Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) е бендот чиј вокал, неверојатната Маргерита Абита од Сицилија, пред светот ја претстави магичната интерпретација на безвременскиот класик „Море сокол пие“. Концертот на Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) е закажан во Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот, а екипата составена од Италијанката Маргерита Абита (вокал), Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Жулиен Шанал (гитара, Франција), Чави Пендон, (кларинет, Шпанија), Пере Ноласк Туру (виолина, Шпанија) и Фернандо Салинас (хармоника, Шпанија) по 6 издадени албуми, концерти во повеќе од 40 земји, повеќе од 160.000 следбеници и 90 М-прегледи, доаѓа во Скопје во рамките на концертната турнеја по повод јубилејната 10-годишнина од основањето. Меѓу нивните последни интерпретации на традиционални песни од сите краишта на светот е и, како што велат самите, безвременскиот класик, нашата „Море сокол пие“, а на 11 декември публиката ќе може да ужива уште и во изведбите на „Македонско девојче“ и веселата и ритмичка румба на кралицата на ромската песна Есма Реџепова-Теодосиевска, „Калеја Јаца“. Билетите се пуштени во продажба преку продажната мрежа на „МКтикетс“, и тоа во три категории и по цена од 1.000 и 1.200 денари, како и 1.500 денари за ВИП-влезниците.
Comments