Италија владее со европската одбојка, две титули за 15 дена
21.09.2021 Septemvri Vtornik
Италија владее со европската одбоjка, две титули за 15 дена
Италија е новиот европски првак во одбојка за мажи, по триумфот во финалето над Словенија, во квалитетен и неизвесен натпревар што се одигра во Катовице, Полска, пред 9.000 гледачи, со 3-2 (22-25, 25-20, 20-25, 25-20 и 15-11). За Италија ова е прва титула по пауза од 16 години, вкупно седма на ЕП (претходно во 1989, 1993, 1995, 1999, 2003 и во 2005 година). Словенците третпат се втори (2015, 2019 и 2021). На 4 септември и женската репрезентација на Италија стана европски првак на ЕП 2021 (трета титула). За најдобар играч (МВП) на турнирот за мажи беше прогласен Италијанецот, капитенот Симоне Џанели. Најдобри во победничкиот тим во финалето беа Даниеле Лавија, со 21 поен, и Алесандро Микелето, со 17 поени. Во мечот за третото место, домаќинот Полска ја совлада Србија, шампионот од ЕП 2019, со 3-0 (25-22, 25-16, 25-22). За Полска, актуелниот и двократен светски првак (во 2014 и во 2018 година), ова е четврта бронза и прво искачување на континенталниот победнички подиум пред домашната публика, вкупно 10-ти медал во историјата на ЕП (едно злато и пет сребра). Еден од домаќините на следното ЕП, во 2023 година, ќе биде Македонија. На ЕП 2021 што се одржа во четири земји, во Полска, Чешка, Естонија и во Финска, од 1 до 19 септември, вторпат по ред настапи и репрезентацијата на Македонија, во групата Ц, во Тампере, со селекциите на Финска, Русија, Холандија, Турција и на Шпанија. За разлика од ЕП 2019, кога забележа две победи и беше 17-та, Македонија претрпе пет порази, освои два сета и беше 23-та меѓу 24-те репрезентации.
Comments