top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Истрага за убиство и животот на една детективка

Мини-серијата на Ејч-би-о, „Мер од Исттаун“ нè носи во еден американски провинциски град. Таму смртта на една девојка предизвикува вител од локални тајни, а насловната хероина го истражува случајот и тоне во сопствената семејна драма. Американската продукција на криминалистички серии на почетокот на новиот милениум нѐ воведе во блескавиот свет на форензичарите, ЦСИ и детективи со внимателно негувана коса. Ништо од тоа немаше врска со реалноста, но беше неизмерно привлечно кога злосторствата почнаа да се решаваат на телевизискиот простор, филтрирани низ зајдисонцата на Мајами. Од таквата Америка, која консумираше гламурозна форензика, но сè уште не го исцрпи детективскиот жанр, доаѓа Мер Шихан (Кејт Винслет). Таа не оди во Исттаун во чевли со високи потпетици, нејзиниот живот се распаѓа, а раните ги обвиткува со кеси замрзнат зеленчук. Некогаш успешна кошаркарка, а сега детективка, јаде од алуминиумска фолија и нејзината коса е неуредна. Екранот на нејзиниот паметен телефон е скршен, манијаците што ги бара не се ханибали, туку обични перверзници, кои ѕиркаат низ прозорецот или уринираат таму каде што не треба. Нејзините случаи не се ништо спектакуларно и обично решава расправии меѓу мрзливи старци, кои меѓусебно се пријавуваат. Во такви околности, Мер во Исттаун започнува да истражува необично убиство.

Откако била малтретирана од нејзините врсници, тинејџерката Ерин Мекменамин е пронајдена мртва, а истрагата ѝ е доделена на детективката Мер Шихан. Таа е жена во своите педесетти години, со брчки на лицето и неколку килограми повеќе. Мер не одговара на стандардите на ретушираните списанија и модерната преокупација на жените. Нејзиното лице попушта под притисокот на годините, тешките животни моменти, разводот и некои семејни трагедии. Да бидат работите уште полоши, Мер живее со својата мајка и ќерка си тинејџерка, додека нејзиниот поранешен сопруг живее во соседството со неговата нова сопруга. Во мал град, случаите се решаваат брзо, затоа што секој знае сè за секого. Нема многу разлика помеѓу озборувањата во слободно време и детективските испрашувања. Меѓутоа, кога еден рекреативен тркач ќе го најде голото мртво тело на ќерката на локален работник едно утро во поток, нема да биде лесно да се истражува со сите локални тајни. Жителите на Исттаун живеат во темната сенка на исчезнувањето на ќерката на пријател на Мер. Девојчето исчезнува пред една година, не оставајќи никаква трага зад себе. Во Исттаун, меѓу другото, ноќе шета едно лице во црно, на кое никој не му обрнува внимание. Како што напредува истрагата, Мер тоне во семејна драма. Серијата со право го носи името на главниот лик, бидејќи сè се врти околу неа, во согласност со најновите трендови во телевизиската продукција, кои отфрлаат стереотипни детективи и ги создаваат своите ликови како повеќеслојни трауматизирани психолошки профили. За да ги решат злосторствата, тие мора да ги отплеткаат сопствените емотивни јазли. Иако насловната улога ѝ припадна на оскаровката Кејт Винслет, не го гледаме гламурот на една од најдобрите актерки на денешницата, туку психолошки растргнатата Мер без шминка, која едвај се справува со тесната околина и жителите на Исттаун.

Ејч-би-о специјализира во лимитирани серии во последните неколку години со холивудски ѕвезди во главните улоги. Никол Кидман глумеше во трилерот „Слом“, Џуд Ло во мини-серијата „Третиот ден“, додека Марк Руфало се истакна во психолошката драма „Знам дека ова е вистина“. Многу интелигентно напишана, серијата „Мер од Исттаун“ ги извртува речиси сите детективски стереотипи, па затоа се среќаваме со полицајка на која ѝ се слошува кога ќе види крв. Иако сè е депресивно, сепак има малку иронија во целата приказна и тој цинизам на главниот лик на моменти станува многу духовит. Серијата беше премиерно прикажана на 19 април на Ејч-би-о и оттогаш има добри критики. Автор е Бред Инглесби, додека во другите улоги се појавуваат Џин Смарт и Гај Пирс. Споредната улога во серијата му припадна на Еван Питерс, кој го игра Колин Забел. Тој доаѓа во Исттаун да помогне во решавањето на случајот со убиството, бидејќи поради притисокот на јавноста полицискиот началник го задолжува како партнер на Мер во истрагата. Гај Пирс се појавува во улога на професорот Ричард Рајан, кој негува симпатии кон Мер. „Мер од Исттаун“ е приказна во која сите се осомничени, па затоа решението за мистеријата за тоа кој ја убил Ерин Мекменамин е големо изненадување. Решението за случајот паралелно повлекува одговори на прашањето зошто Мер со години го потиснува сопственото минато.


2 views

Comments


bottom of page