Ирската кинематографија претставена во Македонија
Со прикажување на филмот „Привлечен ѓавол“ на ирскиот режисер Џон Батлер синоќа во Кинотека започна претставувањето на современата ирска кинематографија во Македонија. На настанот, што се случи во рамки на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, присуствуваа амбасадорот на Ирска за Романија, Македонија и Молдавија, Н.Е. Пол МекГери, евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бомгартнер, амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон, како и претставници на дипломатскиот кор и љубители на филмската уметност од нашата земја.
„Овој настан е многу значаен бидејќи претставува прво претставување на ирската кинематографија во Македонија. Проектот го подготвувавме подолго време со амбасадата на Ирска во Букурешт, која е надлежна за Романија, Македонија и Молдавија. Досега Ирска ја препознававме по зелените полиња, културата, традицијата ирското виски и поп-музиката, но од вечерва ќе уживаме и во современата ирска кинематографија“, истакна Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“.
Инаку во следните денови на телевизија 24 ќе се емитуваат останатите филмови од ирската кинематографија – „Во предна линија“, „Каубои и анѓели“ и моќниот документарен филм „Глад“ каде наратор е познатиот актер Лијам Нисон.
На настанот се обрати и амбасадорот Пол МекГери. „Се радувам што помалите земји преку сопствената кинематографија имаат можност да ја пренесат својата порака низ светот. Особено сум горд што и ирските филмаџии ја имаат оваа можност и благодарен сум што филмскиот фестивал ‘Киненова’ ни ја даде оваа прилика. Му благодарам и на Ирскиот филмски институт, бидејќи кога ги разгледувавме филмовите што ќе ги видите во оваа програма, би рекол дека имаше мошне силна селекција, но јас би го издвоил документарниот филм ’Глад’ кој зборува за гладот во Ирска-вистинит настан од периодот на 1845-1850 година. Тоа за нас претставува еден многу значеан историски момент кој говори за промената на историјата на Ирска. Филмот укажува и на тоа колку на една земја и треба добра влада. Доколку една земја нема добра влада, народот треба да преземе нешто за да го промени тоа. Историјата е важна, таа се менува, но филмовите кои ги избравме не говорат само за историјата, туку и за модерни проблеми, урбаниот живот, промените… Филмовите постојано ги рефлектираат промените во светот, па така и преку современата ирска кинематографија ќе забележите дека Ирска станува се поотворено општество, па од конзервативна држава, таа сега е отворена кон геј правата и има одобрено истополови бракови“, истакна амбасадорот МекГери, кој потенцираше дека „главен архитект“, фактор што ја променил Ирска е Европската унија и дека со пристапот во ЕУ се промениле многу работи во земјата.
Comentarios