„Инферно“ – претстава што ги поместува границите…
„Целата претстава е правена преку доминација на говорот на телото во криза. И осмислувањето на ваков театарски проект, во овој ракопис, значеше макотрпен процес на создавање претстава во која секој еден од учесниците е алка од тој синџир без кој конечниот производ е невозможен…“, вели Сашо Димоски, директор на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес и драматург на претставата “Инферно“ која својата премиера ја имаше на 29 октомври, а репризно ќе биде прикажана и на 4 и 5 ноември
„Врвна уметност“, „Дејан Пројковски, ги поместуваш границите“, „Прекрасен и уигран тим кој ја доведе претставата до совршенство“, „Светски“… Ова се само дел од коментарите на публиката која во саботата, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес имаше можност премиерно да го проследи театарскиот спектакл “Инферно“ во режија на Дејан Пројковски и драматургија на Сашо Димоски. Претставата, која е едно поинакво читање на „Пеколот“ на Данте Алигери, беше дочекана со големо нетрпение од страна на љубителите на театарската уметност, кои до последно место ја исполнија салата. Позитивните реакции на публиката, како што вели и самиот драматург Димоски, го прават и среќен и горд.
„Поминавме навистина еден пеколен процес, кој беше големо школо за сите учесници. Проектот инсистираше на посветеност и професионалност, како и секоја друга претстава впрочем, меѓутоа поради техничко-технолошките особености на самата претстава, беше потребна концентрација од поинаков тип. Но, не само поради техничките аспекти. Целата претстава е правена преку доминација на говорот на телото во криза. И осмислувањето вакoв театарски прoeкт, во овој ракопис, значеше макотрпен процес на создавање претстава во која секој еден од учесниците е алка од тој синџир без кој конечниот производ е невозможен. Соработката со Дејан Пројковски на оваа претстава беше прекрасна во смисла што нашиот театар се фати во костец со режисер од европски формат. Тој на нашата сцена постави една исклучителна претстава со многу слоеви, која од продукциски аспект беше предизвик да се изнесе сама по себе“, посочи Димоски.
Претставата има два плаката. Едниот е со главниот лик на претставата, Исидор Јовановски кој го толкува Данте, а другиот е со велешката топилница, која е метафора за еден локален пекол кој беше и национална катастрофа.
„Претставата е многуслојна и тргнува од деветте круга на Дантевиот пекол како основа, но драматуршката решетка е плетена на тој начин што е формиран интертекст во кој се користат огромен број извори од наследството на светската литература со цел да се оформи тој колаж од девет круга низ кој минуваат Данте и Вергилиј за да влезат во пеколот, за да излезат од него и за да стигнат до портите на чистилиштето“, додава Димоски.
Меѓу другото, се посочува и дека претставата фрла ново светло на пеколните аспекти на темното во секој од нас, низ цивилизацијата и нејзиниот развој…
Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимограф – Раде Василев, композитори – Горан Трајкоски и Сашко Костов, кореограф – Олга Панго, видео – Борче Конзулов, шминка – Зорица Цветковска, а за сценските движења беше задолжен Васил Зафирчев. Улогите во претставата ги толкуваат: Исидор Јовановски како Данте, Васил Зафирчев како Вергилиј, Кети Борисовска како Демонот на мајкоубијците, Фаик Мефаилоски како Демонот на завидливите, Симона Димковска како Ангелот на кривоверците, Благојчо Стојанов како Демонот на властољупците, Томе Станковски како Демонот на злобните, Христина Цветаноска како Демонот на прељубниците, Марија Баркова како Демонот на самоубијците, Жарко Спасовски како Луцифер, Орхидеја Дукова како Беатриче, Зорица П. Панчиќ како Непознатата и Мудреци: Томе Станковски, Бранко Михајлоски, Никола Петковиќ. Жители на пеколот: Кети Борисовска, Симона Димковска, Благојчо Стојанов, Томе Станковски, Христина Цветановска-Станковска, Марија Баркова, Кристина Зафирова, Бранко Михајлоски, Илин Јовановски, Никола Петковиќ, Тодор Стојковски, Срна Дуковска, Леонида Гулевска. Освен актери од велешкиот театар, во претставата учествуваат и студенти од завршните години или веќе дипломирани од Универзитетот ЕСРА.
Токму поради големиот интерес што го предизвика, претставата ќе има реприза на 4 и 5 ноември.
Пројковски, кој е еден од најуспешните режисери во регионот, ја потпишува режијата и на претставите „Ана Каренина“ и „Ричард Трети“ во Нови Сад, „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, „Браќа Карамазови“ во Софија, „Орестија“ во Сплит, „Ромео и Јулија“ во Истанбул, „Опасни врски“ во Санкт Петербург… кои доживеаја огромна популарност. Тој посочи дека претставата „Инферно“ му ја посветува на својот пријател и голем режисер Томаж Пандур (од Словенија), кој во 2016 година, на 52-годишна возраст, почина за време на проба на претставата „Крал Лир“ во Македонскиот народен театар во Скопје.
Инаку, Велешкиот театар до крајот на годината ќе има уште две премиери.
„Веќе се работи на подготовка на претставата ‘Татко’ по текст на Флоријан Зелер, а во режија на Ненад Витанов. Паралелно се работи и на претставата ‘Креонт и Антигона’, која е продолжение на работилницата ‘Потрага по Антигона’ што се случи во рамки на фестивалот „Стоби“. Се работи за авторски проект на младиот режисер Дејан Ангелов и премиерите се очекуваат до крајот на годината“, додава Димоски. (Д.Т.)
Comments