top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Интервју со пијанистката и професор Снежана Анастасова – Чадиковска: Секогаш велам, сакај ја музикат

20.12.2021 Dekemvri Ponedelnik

Поради професионалното ниво нејзините изведби секогаш предизвикувале голем интерес. Таа е професор за кој “личната интерпретативна уметност и пијано – педагогијата имаат еден заеднички именител – музиката…“. Нејзините пишани траги се дел од успешната приказна наречена „Охридско лето“... Во интервју за весникот ВЕЧЕР, со пијанистката, педагог и музичка публицистка Снежана Анастасова – Чадиковска, добитник на престижната државна награда “Свети Климент Охридски“ за 2021 година, разговаравме за љубовта кон музиката, првиот настап, богатиот професионален пат и музичките соработки, но и за талентираните ученици, како и за изворот на енергијата за секојдневните предизвици

Добитник сте на годинешната награда “Свети Климент Охридски“ за долгогодишно остварување во областа на културата. Што за Вас како пијанист, професор и музичка публицистка значи едно вакво врвно државно признание?

Без никаков сомнеж-пресреќна сум. Одборот за додела на наградата го избира Собранието на Република Северна Македонија, кое пак го избира сиот народ. Како да не бидам длабоко почестена од фактот што мојот народ ја препозна и удостои мојата педесетгодишна работа со врвна награда, која го носи името на нашето најголемо духовно сонце Свети Климент Охридски?

Како всушност започна Вашата музичка приказна. Од каде потекна афинитетот кон музиката, пијаното, но и педагошката работа?

Уверена сум дека афинитетот кон одредена уметност на некој начин е вграден во самиот човек. Друго е прашањето дали ќе се појави искра, од која пламенот ќе се разгори. Јас имав среќа, што растев во семејство, кое ги сакаше сите уметности, особено музиката. Мојот татко д-р Иван Анастасов, кој и самиот свиреше виолина, редовно имаше годишна претплата за ложата бр.5 во предземјотресниот Театар, така што од мојата петгодишна возраст ги слушав сите опери и ги гледав сите балети, поставени на оваа сцена. Слушав и се внесував во секој музички исказ… Од друга страна, мојата шест години постара сестра Лилјана веќе сериозно свиреше пијано. Какви чудесни звуци произведуваше тој црн, лакиран предмет! На седум годишна возраст и самата започнав да свирам, како ученик на Десетгодишното музичко училиште. Втората моја среќа беше, што секогаш сум имала одлични учители. Во долгата поредица, дозволете да ги именувам барем мојата прва учителка по пијано Соња Бојаџиева како и извонредниот човек и пијанист, кај кого магистрирав на Академијата во Љубљана, Дубравка Томшич. Инаку, со педагогија започнав да се занимавам случајно. Повторно имав среќа – од првиот момент имав добри ученици, кои ми го зацврстија ставот дека личната интерпретативна уметност и пијано – педагогијата имаат еден заеднички именител-музиката.

За првпат на музичката сцена настапивте во 1972 година. Можете ли да се потсетите на тие моменти, Вашите чувства и самата атмосфера?

О, да. Првиот бакнеж и првиот настап на сцена никогаш не се забораваат… Тој настап се случи во Салонот 19,19 – тогаш најзначаен камерно-концертен простор во Скопје. Пет месеци претходно дипломирав на Конзерваториумот во Софија. Свирев интересен програм: Бах, Бетовен, повеќе дела од Шопен… Салонот беше преполн. Тоа беше време на големо љубопитство кон сите наши новопојавени музичари. Иако имав преубав темнозелен кадифен фустан и соодветна фризура и шминка, ме ,,тресеше“ голема трема. Пред да излезам на сцена ја пипнав раката на мојот Венцо (концертот се случуваше десет дена пред нашата свадба) и сватив дека е целосно мокра – т. е дека е апсолутно преплашен за мене. За чудо, тремата во тој момент исчезна. Не избегав, излегов на сцена, го отсвирев мојот прв рецитал… аплаузите беа многу, многу впечатливи… И медиумите покажаа интерес. Добив дури две рецензии – една добра и една одлична… Ете…

Настапувавте долги години како солист, но и како пијано -сорабтник. Можете ли да ни кажете кој настап остави посебен впечаток кај Вас, но и која соработка?

Секој настап е приказна за себе, тоа е јасно. Драго ми е, што триесет години опстојав на музичката сцена со професионално ниво, кое ми дозволи избор на програми според сопствени афинитети, а и што моите настапи секогаш предизвикуваа интерес. Но, има едни чудесни моменти во сценското музицирање, моменти во кои како да се спојуваш со нешто ѕвездено, космичко… Во таква смисла, би издвоила три солистички настапи: Оној, кога на завршниот концерт на постдипломските студии, на концертот со Академскиот оркестар и диригентот Антун Нанут, во салата на Љубљанската филхармонија, го свирев Концертот бр. 3 на Бела Барток; првиот солистички рецитал на фестивалот ,,Охридско лето“, во неверојатната ,,Света Софија“ (свирев дела од Брамс, Прокофјев, Манчев и Аврамовски); потоа, настап, кој се случи во преполната амфитеатрална сала на гимназијата во Пехчево. Свирев на одличен нов полуконцертен клавир. Рециталот беше прв во една поредица на настапи: Пехчево, Скопје, Љубљана. Во тој момент бев бремена со моето прво дете – ќерката Ива. Свирев пиеси од Шостокович и Брамс, сонати од Прокофјев и Шопен… Се чувствував возвишено, моќно, чудесно. По настапот зацари необична тишина, а потоа грмна аплауз… Колку до пијано – соработките – сосем успешно и со радост сум свирела со повеќе солисти-македонски и од други земји. Но сепак,би ги издвоила настапите со виолистот Љубомир Господинов, вокалниот уметник Славица Галиќ и кларинетистот Стојан Димов. Покрај повеќе рецитали,со него имавме и одличен концерт во Рим. Концерт, проследен со френетични аплаузи …

Бевте селектор на музичкиот дел на програмата на “Охридско лето“, но и автор на повеќе монографии. Според што се водевте во изборот на гостите и можете ли да се потсетите на Вашиот најголем ангажман, кој Ве направил особено горди?

Како селектор се водев од она, единствено прифатливото: квалитетот. Тоа беше воедно и првата деценија на нашата самостојност, кога се поставуваа основите на нашиот сопствен менаџмент, така што не беше секогаш лесно и едноставно… Во принцип, најмногу сум горда на фактот, што, како фестивалска екипа, не само што опстојавме, туку и отидовме напред… Да, има и моменти на кои сум посебно горда: Доаѓањето во Охрид на Викторија де Лос Анхелес, Хорот на Виенските деца, Симфонискиот оркестар од Виена… Но, не помалку сум горда што во мое време на охридската фестивалска сцена дебитираа десетина млади македонски уметници, кои денес се наша водечка интерпретативна сила (вклучувајки го и тогаш шеснаесетгодишниот Симон Трпчевски….)

Вие долги години сте и професор. Што е она на што особено обрнувавте внимание во работата со своите ученици и која е Вашата порака до сите оние кои допрва влегуваат во светот на музиката?

Да станеш професионален пијанист (независно дали по дипломирањето ќе се занимаваш со педагогија или интерпретатива) не е лесна работа. Инсистирав на самодисциплина, студиозност во разучувањето на музичкиот текст, многу слушање и анализа на музички дела, значителен број на јавни настапи… Се трудев моите ученици да се почитуваат себе си, но и да умеат да го препознаат и да го ценат и подобриот од себе. Често, во некоја посвета им ја пишував реченицата: ,,Сакај ја музиката, а не себе си во музиката“…..

Што за Вас всушност значи музиката и дали покрај класичната слушате и македонски народни песни или некаков друг музички правец? Нормално е дека музиката е дел од моето секојдневие, иако веќе две децении не настапувам јавно од лични (предимно здравствени) причини. Инаку, сакам да слушам секоја добра музика. Некои наши народни песни, особено оние, во интерпретација на Александар Сариевски, Добри Ставревски, Наум Петревски-длабоко ме трогнуваат. Или зурлите и тапаните на ,,Тешкото“… Не свирам народна музика на пијано. Народната песна има своја душа. Зошто да го доградувам, импровизирам или преобраќам совршеното?

Имам доволно енергија за да го почитувам животот во сите негови облици

Како во моментов го поминувате времето и од каде ја црпите енергијата за секојдневните предизвици?

Времето го поминувам според можностите. Во оваа деценија, во која сум многу тешко подвижна, напишав повеќе книги за наши уметници и институции. Всушност, го преоткрив значењето на создвање на документи за македонската музичка историја. Сеуште комуницирам со повеќе мои колеги, пријатели, роднини, па макар и по телефон. Но, на пример, како неочекувана новост за мене, ја ,,открив“ под стари години убавината на ракометот и станав страсен ТВ навивач на ,,Вардар“. Читам многу. Играм табла (шешбеш). Садам цвеќиња. И пред се – им се радувам на моите деца Ива и Георги. Иако не живеат во нашата држава, денот ми почнува со вестите и за вестите од нив и едногодишната внука Ана Софија. Немам баш премногу енергија, но ја имам доволно за да го почитувам животот во сите негови облици.




6 views

Comments


bottom of page