Интервју со оперскиот пејач Казухиро Котецу од Јапонијa: Размислувам за концерт со македонски реперт
„Кога првпат ја посетив Македонија во 2013 година, на концертите во Македонија ја пеев песната ‘Болен ми лежи Миле Поп Јорданов’. По ова искуство, го најдов видеото од мојот настап на Јутјуб, поставено од некој друг. И ме изненади тоа што многу луѓе го гледаа видеото и уживаа. Затоа почнав да проучувам други македонски песни и овој жанр почна да ме фасцинира“. Ова е почетокот на јапонско-македонската врска на познатиот оперски пејач, првенец од Токиската опера – Казухиро Котецу. Оттогаш тој снимил уште триесетина македонски песни, кои се вистински хитови на Јутјуб. Во виртуелното, онлајн-интервју за весникот ВЕЧЕР, Котецу раскажа дека се израдувал од веста што ја чул од својот пријател и колега Благој Нацоски дека на гала оперската вечер во Националната опера и балет (18 февруари), насловена „АRIGATO” во чест на пријателска Јапонија, познатиот македонски оперски пејач ќе изведе и јапонска песна
Пошироката македонска јавност го запозна Казухиро Котецу како оперски пејач од Јапонија кој со голем жар ги пее најубавите и најпознати македонски народни и патриотски песни. Токму видеата со неговите изведби на песните „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Македонско девојче“, „Ако умрам ил загинам“, „Земјо македонска“… нашиот маестро Благој Нацоски ги постира на својот фејсбук- профил, а љубителите на музиката во Македонија се вчудовидени од леснотијата и од емоциите со кои ги изведува нумерите на македонски јазик. Не го знае македонскиот јазик, но неговото искуство како оперски пејач му помага да го научи изговорот на зборовите.„Мојата омилена македонска песна се менува секој ден. Во моментов е ‘На четврти мај деветсто и трета’ (Смртта на Гоце Делчев)”, вели Котецу за весникот ВЕЧЕР. Тој на шега вели дека неговото име е прекомплицирано за изговор, па затоа, за македонските пријатели е Коце Котецу или едноставно Коце.
За оние вистинските љубители на музиката кои не слушнале за Вас во Македонија, иако сметам дека се малкумина, кажете ни кој е, всушност, Казухиро Котецу.
Роден сум и пораснав во мал рибарски град на брегот од Јапонското Море, а потоа, кога имав 18 години, дојдов во Токио да студирам опера. Оттогаш престојувам во Токио, освен кога студирав во странство, во Италија и кога посетувам други градови во светот за да присуствувам на опери и на концерти. Со оперско пеење на професионалната сцена почнав на 28 години. Оттогаш поминаа повеќе од 30 години и во моментов, моите активности се фокусираат повеќе на концертната продукција отколку да присуствувам на оперската сцена како пејач.
Кажете ни како дојдовте на идеја да снимате видеа во кои ги пеете познатите македонски песни?
Кога првпат ја посетив Македонија во 2013 година, на концертите во Македонија ја испеав песната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“. По ова искуство, видеото од мојот настап го најдов на Јутјуб, поставено од некој друг и ме изненади тоа што многу луѓе го гледаа видеото и уживаа. Затоа почнав да проучувам други македонски песни и овој жанр почна да ме фасцинира.
Кога првпат слушнавте за Македонија и дали имавте некое претходно знаење за нашата земја и за македонската музика?
Соработував со мојот колега, оперскиот првенец Благој Нацоски, за реализација на некои оперски концерти за одбележување на 20-годишнината од македонско-јапонските дипломатски врски. Оттогаш почнав да ги запознавам земјата и нејзините култура и историја. Претходно, не знаев многу за земјата и морам да признаам дека не знаев ништо за македонската музика.
Вашата изведба на песните „Ако умрам ил загинам“ и „Македонско девојче“ буквално предизвикува бура од емоции и восхит кај секој што ги слуша. Како одлучивте да снимате спотови со македонски народни песни?
Како што реков, мојата прва македонска песна е „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“. Ова го пеев во Македонија затоа што ми го препорача г. Нацоски. По ова, продолжив да ги наоѓам песните што, можеби, одговараат на мојот глас. Во оваа работа, при пребарувањето, стигнав до импресивен македонски пејач и композитор. Тоа беше големиот Јонче Христовски. Решив да ја снимам „Ако умрам ил загинам“ за Јутјуб не само затоа што неговиот глас е како мојот туку и затоа што неговата песна и пеењето ми се многу емотивни и блиски. По оваа песна, ја снимив „Македонско девојче“, која предизвикува зачудувачки иста емоција како јапонската „народна песна“ од 70-тите, од мојата адолесцентна доба.
Колку македонски песни успеавте да научите и да снимите досега и дали Ви беше тешко да ги отпеете со оглед дека многу малку го познавате македонскиот јазик? Патем, која од тие песни Ви е омилена?
Научив и пеам околу 30 песни. Сигурно е тешко да се пее на непознат јазик, но, истовремено, и радост е да се открие нов свет. Мислам дека моето искуство како оперски пејач ми помага да го научам изговорот на зборовите. Мојата омилена песна се менува секој ден. Во моментов е „На четврти мај деветсто и трета“ (Смртта на Гоце Делчев), затоа што утрово ја вежбав 10 пати.
Сите овие песни се емотивни, поврзани со македонското минато, со македонскиот патриотизам. Какви емоции будат песните и македонскиот ритам кај Вас додека пеете, но и кај јапонската публика додека ги слуша?
Искрено, ритамот седум-осмини не ми беше природен. Но, сега се чувствувам удобно и многу моќно. Не ја знаев многу добро историјата на вашата земја. Ја учам со пеење песни. Бев длабоко импресиониран од сериозната историја на вашата земја. Понекогаш, стиховите ме прават премногу емотивен и ми е тешко да ги пеам. Во Јапонија, кога пеам македонска песна, на пример „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, се обидувам на публиката да и го објаснам значењето на текстот, пред да пеам. По моето пеење, тие многу често стануваат, со респект за вашата земја.
Колку пати ја имате посетено Македонија, кои места, освен Скопје, успеавте да ги видите и дали Ви се допадна храната во Македонија со оглед на тоа што многу се разликува од јапонската?
Ја посетив Македонија пет пати во периодот од 2013 до 2016 година. Ги посетив Скопје, Битола и Охрид. Ми се допаѓаат Охридското Езеро и главната улица во Битола. Се надевам дека во следната прилика ќе посетам и други локации. Ги обожавам сите македонски јадења. Пилешката супа е една од моите омилени. Не ме прашавте за пијалаците, но морам да кажам дека македонското вино, ракијата и скопското пиво се фантастични. Како и да е, би сакал да откријам многу повеќе за Македонија, бидејќи не сум се науживал доволно. Секогаш доаѓав работно, за концерти, за оперски настапи, а не за туристички прошетки.
Како би го опишале македонскиот народ, дали менталитетот тука е многу поразличен од оној на Јапонците и што е, според Вас, многу слично, но и многу различно во двете земји?
Првиот впечаток за народот е топлото гостопримство – од срце. Јапонците обично се премногу срамежливи за да се дружат. Сега, престојувајќи во Јапонија, имам многу пријатели Македонци преку социјалните мрежи. Македонскиот народ понекогаш ми изгледа премногу опуштено со времето, но во Јапонија сме крајно строги во тоа. Во Јапонија, ако пристигнете на состанок со три минути доцнење, мора да ја објасните причината.
Како го поминавте овој период на пандемијата и какви се моменталната состојба во Јапонија и можностите за изведување концерти на сцена? И воопшто, дали животот во Јапонија се враќа во нормала?
Како и многу уметници, морав да откажам многу концерти и продукции. Во овој период, снимањето македонски песни ми ја теши душата. Во Јапонија, сега се зголемува бројот на заразени луѓе. Значи, бројот на публика на концертите мора да биде ограничен. Но, јас лично се надевам дека ситуацијата ќе се смени напролет.
Кои се Вашите планови за наредниот период во однос на концертните настапи, дали можеме да Ве очекуваме и на македонската сцена и ќе ја интензивирате ли соработката со македонските уметници? Дали ќе продолжите да снимате нови спотови со македонски песни и да ги промовирате во Јапонија?
Во Јапонија, имам програма за концерти и за оперски настапи од март, па натаму. И размислувам за концерт со македонски репертоар во Токио, што, можеби, би можел да се реализира налето. Паралелно ќе продолжам да снимам македонски песни за Јутјуб. Засега немам план за посета на Македонија, но размислувам како да го направам тоа.
За крај, што би им порачале на читателите на весникот ВЕЧЕР?
Многу сум среќен и почестен затоа што вие, македонски народе, го прифаќате моето пеење на вашите сакани песни. Се надевам дека повторно ќе ја посетам Македонија и ќе пеам за вас и со вас. Не можам јасно да ветам кога ќе го направам тоа, но апсолутно ќе го сторам тоа!
Comments