top of page

(Интервју) Пламенка Трајковска: Реакцијата од публиката ми дава инспирација да ги пресретнам нејзини

(Интервју) Пламенка Трајковска: Реакцијата од публиката ми дава инспирација да ги пресретнам нејзините очекувања„Кога сум на сцената, сосема сум свесна за комуникацијата и за мојата задача да допрам до слушателот. Тоа е момент кога сето она што сум го вежбала со месеци, со години, во определено време треба да ѝ го донесам на публиката. Имам задача да ја изградам композицијата од почеток до крај токму во тој момент. Како композитор, уживам во создавањето нови комбинации на звуци, мелодиски линии, хармонии и ритам“, вели за весникот ВЕЧЕР Пламенка Трајковска, виолинистка која, исто така, и ги компонира делата што ги изведува и со голем успех, преку малите камерни состави, ја доближува класичната музика до пошироката публика, но и до младите генерации

Деновиве, јавноста имаше можност на јутјуб-каналот да ја слушне и да ужива во најновата композиција насловена „Сон“, а нејзините музички видеоспотови и концерти се следат од илјадници љубители на класичната музика.

Кога ќе се спомене Пламенка Трајковска, името веднаш ја асоцира јавноста на убава музика и беспрекорна изведба на виолинистка која постојано изненадува и со нови композиции што самата ги создава. Што значи музиката за Вас?

Во минатото, музиката за мене претставуваше избор на професија. Бев првенец на генерација, завршив нижо музичко училиште и требаше да одлучам. Не сакав да се одделам од виолината и како што одбраа другите мои соученици да бидат правници, инженери или доктори така јас одбрав да бидам музичар. Посветувањето на музиката од тој момент, па до денес, во континуитет ми овозможува постојано да растам и да се развивам во повеќе насоки.

Како професионален виолинист, секојдневно работам на учење нови композиции од класични автори, ги унапредувам своите технички способности и откривам нови форми на изразување преку свирењето. Како композитор, уживам во создавањето нови комбинации на звуци, мелодиски линии, хармонии и ритам.

Кога компонирам, се чувствувам како Алиса во земјата на чудата, иако процесот на создавање е тежок и бара трпение и истрајност. Кога сум на сцената пред мојата публика, сосема сум свесна за комуникацијата и за мојата задача да допрам до слушателот. Тоа е момент кога сето она што сум го вежбала со месеци, со години, во определено време треба да ѝ го донесам на публиката. Имам задача да ја изградам композицијата од почеток до крај токму во тој момент. Во времето на интерпретацијата, постојано ја наслушнувам публиката. Реакцијата од публиката ми дава инспирација да ги пресретнам нејзините очекувања. Кога настапувам со моите колеги од гудачкиот квартет, ние меѓусебно комуницираме со свирењето. Оваа наша комуникација понатаму ѝ ја пренесуваме на публиката. Долгогодишното искуство во сите овие насоки во музиката и мојата неограничена љубопитност ја прават музиката моја насушна потреба и животен сопатник.


Иако сте виолинистка и, пред сè, изведувач на класична музика, сепак, ѝ станавте позната на пошироката јавност и по настапите на кои изведувате широка палета на музички жанрови. Како се случи да ја надополните класиката со други музички правци и да бидете дел од повеќе музички состави?

Освен што сум професионален музичар виолинист, јас сум и магистер по економски науки. Кога дипломирав на Музичката академија и се вработив во Филхармонијата, започнав да работам со мали камерни состави и со гудачки квартет. Го поставив прашањето како може да функционира гудачкиот квартет на регуларна база, без помош од донации. Мојата анализа покажа дека кај нас има потреба од развој на публика за класична музика за да ја достигнеме оваа цел. Во таа насока, започнавме први да изведуваме класична музика надвор од концертните сали на отворени простори, плоштади, трговски центри и слично под мотото „Класичната музика достапна до сите“. Следното мото беше „Класична музика приемчива за сите“ и во овој момент додадовме електронска музика и други нови музички жанрови на класичната музика. Така настана албумот „Апасионато“ во кросовер стил.

Сите овие настани придонесоа малите камерни состави, кои денес работат како заедничка музичка организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, да бидат препознаени како класичен ансамбл кој изведува и популарна музика и нови жанрови.

Сепак, нашата суштина е да ја доближиме класичната музика до најшироката публика, и со успех го правиме тоа.

На Вашиот јутјуб-канал деновиве беше поставен музички видеоспот со Вашата најнова композиција „Сон“ (Dream). Кажете ни нешто повеќе за овој сингл и од каде инспирацијата за негово создавање?

Повремено добивам инспирација за исповед преку виолината. „Сон“ е исповед за животното патување, за минливоста, за радоста дека денес сме тука. Првите скици ги направив уште на почетокот од минатата година и бидејќи беше време на пандемија, го снимавме и видеоматеријалот во студиото на Владимир Георгиев, со феноменалната камера на Јован Лесански. Сакав „Сон“ да биде комплетно моја креација како композиција, но и како музичка и видеопродукција. Бавно и темелно ги градев сите елементи. Планирав да ја промовирам композицијата по повод Денот на вљубените, но, за жал, почина мојата мајка на почетокот од годината. Одлучив да ја промовирам композицијата во нејзина чест, по повод нејзиниот роденден во март. Видеото за композицијата може да се преслуша на мојот официјален јутјуб-канал и таа е достапна и на сите онлајн музички платформи како Спортифај, Дезер ајтунс и Амазон.

Во време на пандемија, бевте и една од најактивните музичарки која постојано беше во контакт со својата публика. Каков беше фидбекот од публиката од оваа Ваша активност?

Времето на почетокот од пандемијата нè затвори дома. Се најдовме во ситуација да не можеме да музицираме пред публика, да не можеме да вежбаме заедно со моите колешки. Општата ситуација беше особено тешка и во тие моменти размислував што може да се направи. Дојдов на идеја дека можам да објавувам композиции преку социјалните мрежи со цел да ѝ го направам денот поубав на публиката која ме следи. Првата композиција што ја постирав, наиде на огромна гледаност. Тоа ме мотивираше да направам нови композиции и секогаш гледаноста беше одлична. Во меѓувреме, учев нови знаења за лајф стримингот, за едитирањето видеоматеријал и се охрабрив да направам лајф стриминг на целосен концерт со наслов „Виолина и филм“. Имав огромна поддршка од медиумите за концертот, кој го проследија 30.000 гледачи на мое огромно задоволство.

Работите и со деца. Дали и годинава ќе работите со младите, какви активности претстојат и кои се придобивките од раното започнување со музичко образование?

Посебна заложба на дејствувањето на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“ претставува доближувањето на класичната музика до децата.

Преку различни активности сакаме да овозможиме на секое дете од прво до деветто одделение барем еднаш да присуствува на класичен концерт за деца.

Докажано е дека слушањето класична музика позитивно влијае на детскиот развој и овозможува развој на имагинацијата, апстрактното размислување и интелигенцијата.

За жал, Министерството за култура не ни го поддржа проектот за концерти за деца и во план сме да реализираме барем два концерта со сопствени средства. Секако дека ќе ја информираме јавноста кога ќе ги имаме сите детали.

Организатор сте и на повеќе музички настани. Какви се Вашите планови за оваа година, кои концерти претстојат и што ново може да очекува публиката од Вашата богата музичка ризница?

До летото ќе промовираме уште еден сингл, овој пат инспириран од класична композиција во кросовер стил и би сакала видеозаписот да биде со сите членови на малите камерни состави. Имаме закажано голем број настапи и искрено се радувам за тоа. Нè очекува гостување во Културниот центар во Истанбул, концерт во Охрид и уште некои концерти, кои ги договараме во моментот. Ново е што „Танго трио“, кое беше дел од нашата организација до 2016 година, продолжи со работа по петгодишна пауза. Сè на сè, нè очекува возбудлива и интересна година. (Д.Т.)





 
 
 

Comentarios


bottom of page