[Интервју] Ирена Павлова-Де Одорико: Продолжив да изговарам стихови на македонски, за да не занеме г
- Aleksandar Santovski
- Jul 19, 2021
- 6 min read
19.07.2021 Juli Ponedelnik
Mакедонската писателка која живее во Италија Ирена Павлова-Де Одорико неодамна учествуваше на 6. издание на поетската манифестација „Охридски поетски бисер“, што се одржа во манастирскиот комплекс „Св. Спас“ во Горно Лакочереј, Охридско. На манифестацијата таа ја доби првата награда за песната „Кога би онемел говорот на светците“, што беше повод за разговор со весникот ВЕЧЕР…
Што за Вас значи оваа награда и какви се Вашите впечатоци од манифестацијата и од престојот во Македонија?
Неизмерна е радоста што учествував на манифестацијата „Охридски поетски бисер“ каде што бев назначена за лауреат на фестивалот, што е повеќе и од освоено прво место. Мојата земја е и повод и причина, главен мотив и ѕвезда водилка. Всушност, никогаш не сум престанала да живеам во сопствената земја, затоа што јазикот е вистинската татковина и најмоќна, најсакана мајчица, Магна Матер. Сходно на тоа, секоја година објавувам и ги промовирам моите прозни и поетски книги, во центарот и коренот на моето потекло. Понекогаш, животот околу Вас, со креда, испишува географија што не ја препознавате, но тогаш настапува на сцена вашето генеалошко дрво од предци и современици, што се всадува во туѓиот пејзаж, па полесно е дишењето заради тој круцијален мотив. Во ова Чистилиште на векот (пандемијата) продолжив да пишувам, да ги изговарам стиховите на македонски, за да не занеме говорот на предците, но за да се вслушаат и македонските наследници, како не би затаила сеопштата меморија за нашата цивилизација со спремни егзекутори кои засекуваат директно во коренот, без да им трепне окото. Според мене, тоа се вистинските откорнатици. Инаку, овој пат летната постковид фаза ми го приреди изненадувањето: Лауреат на прекрасниот фестивал „Охридски поетски бисер“, каде што меѓу триста љубители на поезијата што објавија песни, беа одбрани шеесет. Во тоа езеро од љубов, овој пат јас бев стиховниот кормилар/лауреат, а со мене на бродот беа извонредни ликови, песни. Пред сè, тој настан беше едно родољубиво, чисто поклонение пред строгата и проста македонска песна. Имаше награди и за останатите поети, како наши така и странски. Да ги споменам организаторите, кои беа воедно жири, без кои овој фестивал немаше да се запише на мапата на македонскиот вистински идентитет: Митре Мангоски Радождански, Мирко Томовски, Перчо Божиновски, кои се мисионери на македонскиот јазик, идентитет и интегритет преку стихувањето. Ретко невин, чист, некорумпиран фестивал чиј белег првенствено беше македонското слово и неговото натамошно бележење: за да не се изуми.
Живеете во еден од најромантичните градови во светот. Како Венеција влијаеше на Вашата инспирација како автор?
Живееме во времиња на мистериозната, славна пандемија, која го камшикуваше човештвото заради големата, предолга дремка на с(о)веста. Човекот нагло се разбуди, во стварноста на еден енигматичен кошмар, осуден на решетки во сопствениот дом. Се соочи со себе, со светот. Со пропуштеното, на цивилизациски, на колективен и индивидуален план. Луѓето бараат рецепти за преживување. Поезијата, пишувањето е добар рецепт, но доколку сте роден кулинар за една таква кујна. Едно е да си дадете оддишка во тревожно време, друго е да битисувате поетски. Ковид-пандемијата произведе една поетска пандемија која почна да им штети на азбуките. Следејќи го сето она што се истакнува на книжевен план, сметам дека се случува една мегаинфлација на поетското, на метафорите, на поетските симболи за творечко преживување преку стихот. Поезијата стана јавно хоби, јавна соба, јавна куќа, без елементарен ред и поредок.
Авторка сте на повеќе поеми, стихозбирки, Ваши песни се застапени во многу наши и светски антологии. Која е Вашата главна преокупација како поетеса?
Пишувам многу одамна. Најпрвин, книжевни критики, а потоа, под директна иницијација на големиот англиски поет Тед Хјуз, ја објавив мојата прва книга песни: „Велзевул“ или „Крајот на векот“. Беше промовирана од македонскиот Достоевски, Петре М. Андреевски. Немам толку многу години за да кажам дека живеев во време на цареви и кралеви на македонските книжевни кралства, но доволно фатив од нивниот „вез“, како што нивната „диоптрија“ беше многу прецизна да го увидат она што јас го правев и да го забележат на начин, кој претставуваше кадифена сатисфакција. Потоа се редеа книгите: „Номад“, „Деколте“, „Новиот човек“, „Пенелопа.нет“, „Пенелопа во Венеција“ и други. Околу дваесетина на број. Во повеќето книги се обидував да го најдам „Новиот човек“ во сите нас, можеби олицетворен во некој нов Месија. Mаж или Жена.
Северна Италија беше една од најпогодените региони од пандемијата во светот. Како лично се соочивте со ова, и како тоа влијаеше врз Вас на професионален план, како писателка, поетеса?
Пандемијата или Темниот косач за векот и светот донесе едно парадоксално и воедно оксиморон како значење. Низ мракот на опасноста, среде забраните од сопствените домови да ја изнедриме сопствената будност и самосвест. Овие категории се непроценливи по себе и затоа, нема цена што може да ги плати за да се здобие со истите. Токму заради големата дремка на човекот, темните сили добија виза и за нашето јаве и за нашите сништа. Сета френезија со празна цел, губењето на саканата смисла на живеењето „создадоа“ едно убиствено бодликаво топче. Како кога чекорите во погрешен правец и не внимавате врз што чекорите, наидувате на отровно суштество кое доведувајќи ве кон тенката линија меѓу животот и смртта, нè врати кон суштинско превреднување како на животот така и на смртта. Кај мене, ништо битно не се смени, во доменот на моите духовни светови и ритуали на интроспекција. Отсекогаш таквите фази ги имав придружени со неопходна слобода, но во четири ѕида, како совршено место за концентрација, за фокус. Со пандемијата само го продолжив тој начин на живеење, подучувајќи ги моите деца барем малку да постапат како мене. Секако дека на вратата ни зачука и стравот, како и алхемијата од тревожните состојби како кога се наоѓате пред опасна непозната гостинка, која сепак, од некаде ви е позната. Единственото што можете да го сторите е да одлетате ментално со некаков хелиумски балон на друга планета, на онаа што сте ја скроиле во вашата глава и вашите песни. Да, овој свет е дрзок, неправеден, царство на интересите, вредностите се на буниште. И токму затоа, имагинацијата треба да биде новата стварност, за да ѝ отстапиме место на светлината.
Во 2019 година го објавивте романот „Потстанарка“, а претходно (во 2011) се потпишувате и на прозата „Новиот човек“. Според Вас, кој е жанрот во кој најслободно се чувствувате и најдобро се изразувате?
Жанровски сум прилично еклектична. Имам пишувано проза, поезија, есеистички дела. Сепак, најпрепознатлива сум по поемите преку кои обработувам познати, првенствено женски ликови од митологијата Лилит, Новата Ева, Пенелопа… Просто уживам да ги поставам во нов контекст, во едно поинакво милје, каде што ем се благонаклоно пародирани, ем самите пародираат факти, податоци за нивното о(с)мислување, за нивниот идентитет, автентичност, симболичност, табиет. Мислам дека сите ние го живееме материјалот на боговите. Оваа моја книжевна постапка се вика радикална апокрифна фабулизација. Тоа е тешка постапка, но токму затоа, голем предизвик…
Инаку, „Потстанарка“ е згуснат, интроспективен психолошки роман, кој ја вивисекцира тегобноста на писателите, и нивните егзистенцијални животни и творечки патишта и распетија. Вистинските меѓу нив, се свесни за она постојано потстанарство на земјата. Нив не ги интересира фактичката биографија туку што направиле со суштината што ја нареков психобиографија и со тоа го напишав „Манифестот на психобиографското“. Таа книга се преведе во Италија, се промовираше во Болоња и Венеција и доживеа огромен успех, бидејќи италијанската книжевност е во потрага на постмодерни изрази, кои промовираат за катакомбите на битието низ вековите што ги минува.
Долго време живеете во Италија. Како ја претставувате македонската култура?
Македонската култура се претставува, почнувајќи од деталите, па сè до „крупните“ нешта што ги имате во куферот, а што се дел од сето она што сте го сториле за Македонија. Најпрвин, со насмевка ги учите како се вика на македонски: „бон џорно“, „аморе“, „либерта“… Потоа, чекор по чекор, го врвите патот до онаа нивна хемисфера на импресиите. И потоа ви велат: „Вие сте од Македонија? Такви се Македонците?“ Тогаш, дискретно во себе се насмевнуваат, зашто можеби мислеле претходно дека му припаѓаме на петарпанскиот остров кој не постои. И, наеднаш, Вие им ја сликате најволшебната земја на светот и тие, спонтано, стануваат ваши гледачи. Што и да правите. Дали кога им рецитирате или кога им говорите за македонското оро, пита, сè до тревожните теми за Македонија. Ако тоа го правите со срце, високо како порта додека спојувате мостови, таму или ваму, вие сте вистинскиот амбасадор на светото парче земја – Македонија. Имав прилика да учествувам на Венециското биенале во рамки на поетски фестивал. Говорев за мојата преумна баба што ослепе кон крајот на животот – Пандора, како ми ги рецитирање стиховите, што беа причина јас да му рецитирам на светот, да им рецитирам ним. Тоа е она духовно доближување, претставување/амбасадорување…
Можете ли да откриете дали во моментов подготвувате ново дело?
Јунговски кажано, не се бега од генот, коренот, од оној што те осеменил, што ти дал леб. Мојот татко најмногу ми ја всади духовната ука. Живко Павлов е бард на македонскиот хумор и сатира. Многу волшебни непроспиени ноќи поминати со неговото исконско познание. Го наследив во тие нешта. Во позрела возраст, почнав да се изразувам афористички или во форма на максими. Почнав да ги бележам на социјалните мрежи и од ден во ден, добивав исклучителна поддршка, жизнерадосна валоризирачка реакција од моите читатели, кои всушност беа мој потстрек за да објавам книга афоризми, максими, епиграми под наслов: „Афористичка татковина“. Книгата е речиси готова, а во мојата творечка кујна се готват уште две книги. Го чекаат вистинското време помеѓу метлата и метафизиката.
Наташа Илиевска-Таневски
www.novamakedonija.com.mk


Comments