top of page

Интервју: Гила Китинска, автор на првиот фејсбук-роман „Фејсбук триаголник“: Во Шведска сонцето не г

Интервју: Гила Китинска, автор на првиот фејсбук-роман „Фејсбук триаголник“: Во Шведска сонцето не грее како во МакедонијаПовозрасните ја паметат како водителка на првите емисии за мода на нашите телевизиски екрани, во кои гостуваа тогаш, а и сега популарни модели, дизајнери, фотографи, стилисти и мисици. Во 2012 го пишува романот „Фејсбук триаголник“, првиот кој ја третира „виртуалната љубов“ преку оваа популарна социјална мрежа. По неколку години излегува и вториот нејзин роман „Разум“, во кој пишува за љубовта, бракот и неверството. И потоа, решава да ја напушти Македонија и, заминува за Шведска, каде што денес живее и работи како учителка. Тоа беше повод да ја побараме и специјално за весникот ВЕЧЕР да поразговараме за тоа како денеска живее таму, на северот на Европа и дали ја нашла својата „вечна радост“, затоа што нејзиното име Гила, кое го носела и нејзината прабаба значи токму тоа, вечна радост

Љубчо Алексовски

Логично беше нашиот „виртуелен“ разговор да го започнеме со прашањето, зошто замина од родното Скопје и дали си среќна во Шведска?

„Многу е тешко да се напушти родниот град, верувајте, вели Гила, тоа се куп болки, емоции, носталгија по детството, првите училишни денови во ОУ „Кочо Рацин“, првите љубови, скопските улици, пријателите, кариерата. Мислам дека тоа ми се најубавите денови од животот, другарувањето со моите соученици, патеката на Водно по која одев секое утро на училиште, првото осознавање за себе како личност. Морам да признам дека немав некое среќно детство, затоа што сум дете на разведени родители, но мислам дека тоа, подоцна придонесе да станам една силна личност и да се носам со сите проблеми подоцна во мојот живот. А, зошто заминав.

Имав можност често да патувам за Шведска, бидејќи таму живее мојот брат, и секогаш кога престојував таму чувствував некоја посебна енергија, некој посебен мир и спокој. Но, исто така ме привлече фактот што таму се функционира беспрекорно и во еден ред кој им дава сигурност не само на жителите на Шведска туку и на секој оној што ќе ја посети. Арно ама, она што ми недостасува е сончевината на Македонија, овде сонцето ми се чини не грее со таква топлина како таму, во мојата родна земја.

И, секогаш кога доаѓам во Скопје, знам дека тоа топло сонце ќе ме пречека, ќе ме погали по лицето и ќе ме наврати на старите убави времиња.

Има ли разлика меѓу она Скопје од твојата младост и ова сегашното?

Како не, разликата е голема. Го паметам тоа Скопје и местата каде излегувавме, се запознававме, се вљубувавме во личности кои беа реални, можевме да ги допреме, да го почувствувавме биењето на нивните срца, а не како денес, кога младите, со напредокот на дигитализацијата, како да се одвоија од реалниот живот и си живеат во своите „виртуелни“ светови, со своите „виртуелни“ љубови.“

Овие твои зборови ми го наметнуваат наредното прашање, дали беше предизвик да го напишеш романот „Фејсбук триаголник“, еден од првите, ако не и прв роман на таа тема во македонската литература. Со тој роман издаден пред десетина години, како да ја предвиде опасноста што ќе се појави, а тоа е младите, но и повозрасните да го живеат својот живот виртуелно, на социјалните мрежи, а не онака како што треба, со другарување, разговарање очи во очи, вљубување „во живо“?

„Ова мое дело од 2012 година навистина е прво дело посветено на „заразната болест“ наречена „Фејсбук“. Љубовна виртуелна приказна која за цело време се одвива на „Фејсбук“. Се работи за емоциите на една жена на која очајно и е потребна љубов и која се впушта во една емотивна фејсбук-врска, која навидум е понесена од еден необјаснив магнетизам, со личност која ја нема видено во вистинскиот живот, и која, на крајот, доживува разочарување, верувајќи дека виртуелната љубов е онаа вистинската. Тоа е вистинска приказна на една жена, која случајно ја сретнав патувајќи во авион, и која ми ја раскажа својата приказна, со толку емоции, мислиш таа љубов сè уште трае и е вистинска, а не виртуелна. Мислам дека со текот на времето, овој роман добива сè повеќе на актуелност, во денешниот современ и отуѓен живот, затоа што носи една силна порака кон младите особено за опасностите кои ги демнат, новото нормално време, кое се повеќе го поминуваат на социјалните мрежи“.

Кога сите очекуваа можеби „Фејсбук триаголник 2“, ти изненади со нова книга „Разум“, во која бараш одговори на многу прашања кои те интересирале отсекогаш, но и многу од нас, за животот, среќата, љубовта, средбите, разделбите, пријателите, непријателите, внатрешните немири, наоѓање пат кон еден внатрешен мир?

„Фејсбук триаголник“ ја постигна својата цел. Затоа, нареден предизвик ми беше да напишам нешто поинакво, нешто што произлезе од моите размислувања за љубовта, животот, бракот, неверството. Го напиша романот „Разум“.

Пишувам за тоа како да го прифатиме неприфатливото, како да ја прифатиме загубата на саканата личност, како да го прифатиме неверството, кога ќе се случи, како да направиме децата од разведените бракови да не страдаат, би рекла дека тоа е еден есеј со психолошко-едукативна тема.

Отсекогаш ние повеќе внимание посветуваме на тоа дали ќе се допаднеме на другите, а помалку помислуваме на својата среќа. Повеќето веруваат дека подобро ќе се чувствуваат ако развијат хармонични односи со другите, но, според мене, може да имаме хармоничен однос со другиот само ако постигнеме хармоничен однос со самите себеси.“

Во „Разум“ пишуваш за разводот и за тоа дека децата на разведени родители многу страдаат. Тоа треба секогаш да се има на ум, бидејќи нивниот животен пат, во случај на развод, има поинаков тек. Дали мислиш дека сè уште треба да веруваме во денешно време во бракот, или тој се претвори во спротивност на она што би требало да биде, кога пред матичарот велиме „се додека смртта не нè раздели“?

„Многу брачни двојки остануваат во лош брак поради благосостојбата на своите деца, затоа што разводот ќе ги направи да тагуваат и би им било тешко да живеат на две адреси. Потоа тука е економската зависност, па што ќе рече околината и слично. Но, според мене подобро е добар развод одошто лош брак, како за сопружниците така и за децата.“

Кон своите децата велиш дека имаш посебен однос, дали се поставуваше кон нив, додека не пораснаа како строг родител, или како нивни „пријател“?

Ги сакам своите деца, кои сега се веќе возрасни и реализирани, и тие во мојот живот имаат посебно место. Од секогаш кон нив се поставував и како пријател но и како строг родител. Умеев секогаш да ги разграничам тие две работи.

Дали Гила во своите постапки во животот се раководела со разумот или со срцето?

„Зависи од ситуацијата во која ќе не втурне животот. Јас како жена, може да речам дека сме ние кревки суштества. Во животот ни се случуваат и убави но и не толку пријатни моменти. Во некои случаи го вклучувам разумот, а во некои пак го слушам гласот на срцето. Па, што биде, нека биде. Затоа од некои ситуации излегувам јака како камен, а од други, скршена во својата кревкост.

Живеам во сегашноста, во минатото повеќе не нема, останале само сеќавањата, а иднината е мистерија, нешто непознато.

Што можеме да очекуваме, на писателски план од тебе во иднина, дали можеби во твојата глава веќе го осмислуваш твоето наредно дело?

Имам добар материјал, но она што ми недостасува е времето. Работата со моите ученици ме преокупира, исто така работам на превод на шведски на моите два романа, па затоа се надевам дека летниот период ќе успеам да го „најдам“ слободното време. Сега-засега во библиотеките во Малме, каде што живеам, ги има моите книги, на македонски, достапни за нашата македонска популација.




 
 
 

コメント


bottom of page