Институтот за старословенска култура во Прилеп организатор на два научни собири и работилница
Два научни собира и работилница на манастирот Трескавец организира од утре до сабота Институтот за старословенска култура од Прилеп. Утре,четврток, на 26 мај, ќе се одржи собирот на тема „Методологија на научноистражувачката работа користена при истражувањето на културното наследство во нашава држава“, а в петок, 27 мај, собирот на тема „Сеопфатна заштита на материјалното културно наследство засновано врз мултидисциплинарни научни сознанија“. В сабота, 27 мај, во манастирот Трескавец ќе се одржи работилница за проблемите со кои се соочуваат истражувачите при заштитата на културното наследство.
Според директорот на Институтот д-р Бранислав Ристески, научните собири се поддржани од Министерствата за образование и наука и за култура, и дека е многу важно да се говори за археолошкото и културното наследство, а манастирот Трескавец е податен за истражувачите.
-Научните сознанија се исклучени или минимално се користени при постапките на стручната заштита, конзервацијата и ревитализацијата на културните добра и сметаме дека како научна институција мора да ги апострофираме научните сознанија, бидејќи имаме евидентни пропусти во правната, законската заштита на културното наследство, а недостасува и сосодветна финансиска поддршка на научно-истражувачката работа – изјави денес на прес конференација д-р Ристески. На научните собири ќе учествуваат преку 30 еминентни научници од земјава. Ка.М.
Comments