Импровизации на снимања што станаа легендарни филмски сцени
Во следните редови ќе ви откриеме некои од легендарните сцени од филмските класици како „Кум“, „Индијана Џонс: Крадците на изгубениот ковчег“ и „Темниот витез“.
„Кум“ (1972) Во првата сцена од филмот „Кум“, Вито Корлеоне гали мачка што му се качила во скутот, а во исто време донесува многу брутална одлука. Мачката, секако, ја немаше во сценариото, туку сосема случајно заврши во скутот на Марлон Брандо. Сцената се покажала толку ефикасна што режисерот на филмот, Френсис Форд Копола, решил да ја задржи.
„Темниот витез“ (2008) Квалитетот на глумата на починатиот Хит Леџер во „Темниот витез“ се подразбира. Една од сцените каде што го покажа својот талент за импровизација е онаа каде што Џокер саркастично плеска со рацете во полициската станица кога градоначалникот го известува Џејмс Гордон (Гери Олдман) дека ќе стане полициски комесар во Готам. Реакцијата на Хит на тоа беше толку едноставна, а сепак толку ефикасна.
„Индијана Џонс: Крадците на изгубениот ковчег“ (1981) Познатата сцена во која Индијана Џонс се среќава со воин со сабја на улиците на Каиро требаше да биде релативно долга борба меѓу двајцата, но бидејќи Харисон Форд имаше труеше од храна непосредно пред нејзиното снимање, режисерот Стивен Спилберг одлучи да направи мала промена. Имено, наместо дуел со сабја и камшик, во филмот можевме да видиме дуел со сабја и пиштол, кој, се разбира, заврши многу брзо.
„Роки“ (1976) За време на монтажата на тренингот на Роки за неговиот животен боксерски меч можеме да го видиме Силвестер Сталоне како трча низ пазар во Филаделфија. Одеднаш, тој добива портокал во рацете што му го фрла продавач на таа локација. Тоа не беше напишано во сценариото, ниту пак личноста беше статист, туку вистински продавач, кој штотуку се нашол таму бидејќи филмската екипа барала локалното население да се однесува како и обично за време на снимањето.
„Титаник“ (1997) Сцената во која Леонардо ди Каприо извикува „Јас сум кралот на светот“ од палубата на „Титаник“ е создадена во последен момент. Пред да се одлучи за оваа реченица, режисерот Џејмс Камерон се обидел да го сними Лео како кажува различни реплики, но ниту една од нив не звучела доволно убедливо. На крајот, се покажа дека ова е една од најпрепознатливите сцени на филмот, што е навистина голема работа ако се земе предвид дека во истата продукција го гледавме и потонувањето на „Титаник“.
„Американска убавина“ (1999) Кевин Спејси денес е персона нон грата поради обвинувањата за сексуално вознемирување, но тоа не значи дека тој не е одличен актер што зад себе има многу одлични улоги. Една од нив е онаа во филмот „Американска убавина“, која му донесе „оскар“ за најдобра улога. Незаборавна сцена од овој филм е кога Лестер, ликот што го толкува тој, вечера со сопругата и ќерката. По жестока расправија, тој нагло ја фрла чинијата со храна на ѕидот. Тоа беше целосна импровизација од страна на Спејси, која ги изненади сите присутни, но на крајот сепак заврши во финалната верзија на филмот.
„Војна на ѕвездите: Империјата го возвраќа ударот“ (1980) Во сценариото за „Империјата го возвраќа ударот“ пишуваше дека кога принцезата Леа ќе му каже на Хан Соло дека го сака, тој треба да ѝ ја возврати љубовта со очекуваниот одговор: „И јас те сакам тебе“. Наместо тоа, тој во филмот ѝ вели само: „Знам“. Одлуката за промена на репликата ја донел самиот Харисон Форд затоа што сметал дека неговиот филмски лик никогаш нема да ја каже репликата што била првично напишана.
Comments