Имаш право да кажеш дека си Словен и ништо друго!: Скандалозен упад на Златна зора на изложбата на м
Имаш право да кажеш дека си Словен и ништо друго!: Скандалозен упад на Златна зора на изложбата на македонскиот уметник Андреевски во СолунКако што пренесуваат грчките медиуми, во видеоснимка што ја објавила маскираната група која упаднала на изложбата, се тврди дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламарија“ и дека нејзините членови не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“
„Имаш право да кажеш дека си Словен и ништо друго!“, со овие зборови завчера група од петнаесетина маскирани лица со качулки, членови на т.н. Фронт на подмладокот – Златна зора од Грција, му се обратиле на македонскиот уметник Сергеј Андреевски, откако брутално упаднале на неговата изложба, која на 21 април беше отворена во Општината Каламарија во Солун. Како што пренесуваат грчките медиуми, во видеоснимка, која потоа ја објавиле, се тврди дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламарија“ и дека нејзините членови не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“.
Откако вербално го нападнале уметникот и го натерале да ги симне сликите, на влезот од галеријата залепиле лента и плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.
„Се забранува секаква реклама или отстапување јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците“, пишува на плакатот. Понатаму, од групата, во врска со изложбата се коментира дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“ и дека тие морале да интервенираат и, пред сè, да испратат порака до грчките власти дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
Инаку, во врска со инцидентот, вчера реагираше македонското Министерство за надворешни работи, а беше повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду.
„Синоќа, во Солун, за време на изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, во галеријата упаднале група маскирани луѓе, кои со непристојно и вулгарно вербално однесување се обиделе да предизвикаат прекинување на изложбата, по што си заминале. Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади, била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот. За инцидентот известени се и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапија во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи. Во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите“, соопштија вчера од МНР.
Инаку, некогашната парламентарна партија Златна зора во 2020 година, со одлука на грчкиот суд, е прогласена за криминална организација.
Она, пак, што, според грчките медиуми, ги поттикнало членовите на Златна зора на ваков чин е што изложбата била промовирана од Македонското движење за унапредување на мајчиниот јазик „Кристе Мисирков“.
„Станува збор за урбаното непрофитно друштво Македонско движење за унапредување на мајчиниот јазик ‘Крсте Мисирков’, кое има цел да го шири ‘македонскиот јазик’, кој го карактеризира како ‘малцинство’. Неодамна, со судска одлука успеа да ги обезбеди своите статути и правото да предава курсеви по ‘македонски јазик’, предизвикувајќи бура од реакции во области од западна и од централна Македонија. Непрофитното друштво со име ‘Крсте Мисирков – Движење за промоција на македонскиот мајчин јазик’ е основано на 18 ноември 2018 година, со цел да го промовира ‘мајчиниот јазик’ и да ги истакне ‘регионалните или малцинските јазици’. Основано е во градот Аридаја. Движењето го носи името на Крсте Петков Мисирков, кој е роден 1874 година во Пела, а починал во 1926 година во Софија. Тој бил филолог, историчар и етнограф, кој во 1903-1907 година објавил книга според која постои посебен македонски национален идентитет“, пренесува makthes.gr.
На свеченото отворање на изложбата насловена „Неизложени дела на хартија“, која се случи на 21 април и која беше проследена со голем интерес, авторот Сергеј Андреевски изјави дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален. Тој посочи и дека ова е негово прво самостојно претставување во Грција по поканата добиена од советникот за култура на градоначалникот, Макис Батијанис, а во име на Општината Каламарија, но посочува дека, сепак, неговото творештво не ѝ е непознато на грчката ликовна критика.
Делата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски во Солун треба да бидат изложени до 29 април. Реализацијата на проектот е овозможена од македонското Министерство за култура, а изложбата ја отвори генералниот конзул во Солун, Дејан Ѓучиќ.
Скерцос: Никаква толеранција за паравоени нацистички групи и беззаконие
Грција нема да „толерира беззаконие и заплашување на граѓаните“, изјави портпаролот на грчката Влада, Акис Скерцос, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите во однос на упадот на маскирана група од Златна зора на изложбата на македонскиот уметник Сергеј Андреески во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Одговарајќи на новинарско прашање за инцидентот во галеријата во солунската Општина Каламарија, каде што се изложени делата на Андреески, Скерцос рече дека нема толеранција ниту за нацистичките паравоени групи, термин кој во Грција се користи за организираните групи на Златна зора.
„Не постои никаква толеранција за т.н. паравоени нацистички групи, никаква толеранција за беззаконието, никаква толеранција за заплашувањето на граѓаните“, кусо одговори Скерцос. (Д.Т.)
Comments