top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Израелските археолози пронајдоа древен чешел

Израелските археолози пронајдоа древен чешел, кој датира од пред околу 3.700 години и кој ја носи можеби најстарата позната целосна реченица од хананската азбука. Натписот ги охрабрува луѓето да ги чешлаат косата и брадата за да се ослободат од вошките. Реченицата содржи 17 букви, кои гласат: „Овој заб нека ги искорени вошките од косата и брадата“.

Експертите велат дека откритието фрла нова светлина врз некои од најраните употреби на човештвото на хананското писмо, измислено околу 1800 година пр. н.е и темелот на сите азбучни системи, како хебрејски, арапски, грчки и, на крајот, латиница и кирилица. Тоа укажува дека луѓето во тоа време имале проблеми со вошките во секојдневниот живот, а археолозите велат дека нашле дури и микроскопски докази за вошки на чешелот.

Чешелот првпат беше откопан во 2016 година, во Тел Лачиш, археолошки локалитет во јужен Израел, но дури кон крајот на минатата година професор на израелскиот Хебрејски универзитет ги забележа малите зборови напишани на него. Деталите за откритието беа објавени во напис на „Џерусалим џрнал оф аркиолоџи“.

Главниот истражувач, археологот Јосиф Гарфинкел од Хебрејскиот универзитет, изјави за „Асошиејтед прес“ дека иако во текот на годините биле пронајдени многу артефакти со хананско писмо, ова е првпат да се открие целосна реченица. Фактот дека реченицата била пронајдена на чешел од слонова коска во палатата и храм на античкиот град, заедно со спомнувањето на брадата, укажува дека само богатите луѓе знаеле да читаат и пишуваат.

– Тоа е многу „човечки“ текст. Ни покажува дека луѓето навистина не се промениле, а ни вошките не се навистина променети – рече Гарфинкел.

Хананците зборувале древен семитски јазик, поврзан со современиот хебрејски, арапски и арамејски, и живееле во земјите што се наоѓале на источниот брег на Медитеранот. Се верува дека тие ја развиле првата позната азбука.


1 view

Kommentare


bottom of page