Изложени досега невидени фотографии: Битлманијата низ објективот на Пол Макартни
Приватни и досега невидени фотографии, кои ги направил музичарот Пол Макартни за време на најголемата популарност на групата „Битлси“ во шеесеттите години на минатиот век, се изложени во Националната галерија на портрети во Лондон, Обединето Кралство, пишува „Ројтерс“.Фотографиите на Макартни и неговите колеги од „Битлси“ – Џон Ленон, Џорџ Харисон и Ринго Стар, на кои летуваат во Америка, се опуштаат покрај базен во Мајами и ги „бркаат“ папараџо-фотографи во Њујорк, се дел од новата изложба „Paul McCartney Photographs 1963- 64: Eyes of the Storm“.„Тие го документираат овој период, во кој тие преминаа од феноменот Битлманија во Британија, до нивната светска слава и нивната прва посета на Америка“, изјави кустосот на изложбата, Рози Бродли.Кустосите извлекоа повеќе од 250 фотографии од личната архива на Макартни, направени со неговата камера „Пентакс“, додека славната четворка уживаше во својата најголема популарност.Меѓу фотографиите се најдоа црно-белите автопортрети, направени во огледало во Париз, фотографија на Џон Ленон во главниот град на Франција, Џорџ Харисон со очила за сонце во Мајами Бич и фотографија на Ринго Стар во Лондон.
„Многу од нив се многу интимни и лични. Затоа изложбата е именувана: ‘Eyes of the Storm’ (Очи на олујата)… тоа е нешто внатрешно и гледа кон надвор. Тоа само го дава овој втор слој на лично искуство“, појасни кустосот Бродли.
Изложбата на фотографиите ќе биде отворена до октомври годинава.
Comments