Изложбата „Траги“ на Горан Ристовски во „Јадро“
„Траги“ е самостојна изложба на Горан Ристовски поставена во културниот центар „Јадро“. Во овие дела тој ја критикува човечката сурова интервенција врз природната средина низ финиот апстрактен цртеж и експресивно педантно изработената графика.
– Во овој негов циклус на дела, заинтригиран од модификацијата на природниот пејзаж и одново привлечен од сензацијата што се способни да ја дадат цртачките елементи на изразот и класичниот графички отпечаток, Ристовски, инаку графичар по вокација, одново се навраќа на чистиот графички израз, претставувајќи ни цртежи и графики, овој пат работени исклучиво во техниката линорез, со неколку димензии – посочува Ангела Витановска, историчарка на уметност.
Според Дијана Томиќ Радевска, кураторка, погледот ни го заматуваат меката линија и потезите на бришење, создавајќи експресивен линеарен третман што ги спојува цртежите и графиките (линорези) во нови „Избришани пејзажи“.
– Тој ни нуди некои природни простори што некогаш постоеле. Уметникот го практикува својот активизам забележувајќи сцени од девастација на природата, повикувајќи на свесност, а не бегство во индиферентност – вели Томиќ Радевска.
Горан Ристовски е визуелен уметник што живее и работи во Струга. Во 2009 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за графика, насока графички дизајн. Во 2013 година заедно со други локални уметници го формира уметничкото здружение ИНКА, преку кое следните седум години организираат различни културно-уметнички настани, најчесто лоцирани во Струга.
Comments