Изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940“ претставена во Москва
Updated: Dec 1, 2021
29.11.2021 Noemvri Ponedelnik
Поставката се состои од 20 паноа, на кои преку факсимилни документи, архитектонски планови, фотографии од поштенски картички од „старо Скопје“ и лични документи се претставени биографиите и делата на руските архитекти. Објетите кои повеќе не постојат се претставени преку 3Д реконструкции… Документарни филмови за Скопје пред земјотресот на кој може да се доживее атмосверата на градот изграден во периодот 1920-1940 година , како и филмови од Скопје по земјотресот од седумдесетите и деведесетите години, се исто така составен дел од изложбата
Во Домот на руската емиграција „Александар Солженицин“ во Москва поставена е изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940“која ќе трае до 30 ноември по што ќе може да се види на веб страницата https://www.domrz.ru/. Значењето на изложбата, како извонредно стручен музеолошки материјал, беше истакнато од заменик директорот на Домот на руската емиграција Игор Владимирович Домнин, кој го изрази и своето задоволство од почетокот на соработката помеѓу двете држави преку ваквите културни мостови.
“Истражувањата на биографските податоци на архитектите ни покажаа дека руските, а всушност скопски архитекти, биле еднакво и со скопски и со руски дух на однесување. За кратко време се интегрирале во скопскиот начин на живот, некои од нив дури ги пронашле и своите животни сопатници од локалното население, та оттаму, се многу значајни и за обата народи како дел од нивното културно наследство, како дел од архитектонската култура на Скопје, но и за културните траги на руската дијаспора во градот. Затоа тие претставуваат и денес своевидни мисионери на културата, бидејки воспоставиле мостови помегу руската култура и културата на народите онаму каде што се населиле. Токму тие мостови се обидуваме сега да ги продолжиме со претставувањето на оваа изложба“, истакна Јасминка Намичева, научен соработник, кустос советник на одделот за архитектура во Музеј на град Скопје, која заедно со Екатерина Намичева Тодоровска, научен соработник на Катедрата за историја на архитектуа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се автори на изложбата. Кустоси пак, се Татјана Јуревна Иринархова и Дарја Александровна Жмилева од Домот за руската емиграција во Москва.
Од Домот на руската емиграција посочуваат дека резултатите од оваа истражувачка работа всушност се демонстрираат за прв пат. На изложбата се претставени проекти на Иван Артемушкин, најпродуктивниот архитект кој работел во Скопје (утврдено е дека проектирал повеќе од 400 станбени згради и повеќе од 50 други објекти), Борис Дутов, Константин Хоменко и други. Покрај тоа, изложбата прикажува проекти завршени за Скопје од познати руски архитекти кои работеле во Белград: Н.П.Краснов, Г.И.Самоилов, В.М.Андросов, В.В.Лукомски, П.Д.Анагности, В.Ф.Баумгартен, И.Ф.Роар“, се вели во најавата на изложбата.
Поставката се состои од 20 паноа, на кои преку факсимилни документи, архитектонски планови, фотографии од поштенски картички од „старо Скопје“ и лични документи се претставени биографиите и делата на руските архитекти. Објектите кои повеќе не постојат се претставени преку 3Д реконструкции на соодветни интерактивни монитори, додека како поткрепа на целосната слика за градот од тој период беа проектирани стотина документарни фотографии. Документарни филмови за Скопје пред земјотресот на кој може да се доживее атмосферата на градот изграден во периодот 1920-1940 година , како и филмови од Скопје по земјотресот од седумдесетите и деведесетите години, се исто така составен дел од изложбата. Целокупниот прикажан материјал е резултат од долгогодишни истражувања и систематизирање на собраниот материјал, на кој Јасминка Намичева и Екатерина Намичева Тодоровска, интензивно работеле последните пет години.
За изложбената поставка е отпечатен и мал каталог на руски јазик.
“Во разговорите кои ги имав со директорот на Домот, г-дин Москвин, беше искажан интересот и подготвеноста изложбата да биде пренесена во Скопје во текот на 2022 година, но се разбира ако за тоа покаже интерес Музејот на град Скопје и Град Скопје. Се надевам дека таа идеја ќе имаме можност да ја реализираме, и дека скопјани ќе имаат можност да се запознаат „тет-а-тет“ со ликовите на авторите за објектите покрај кои всушност секојдневно минуваме, честопати им се воодушевуваме, додека на старите скопјани кои воздивнуват по Скопје од нивната младост, им ги должиме и информациите за личностите кои ги создале тие објекти, а со тоа ќе биде надополнета сликата за архитектонската култура на градот“, вели Јасминка Намичева. (Д.Т.)
Comments