Изложбата „Панта реи“ на Марјан Стојаноски во КИЦ
Последното ликовно достигнување на прилепскиот академски скулптор Марјан Стојаноски, насловено „Панта реи“ (скулптури во метал), е претставено во КИЦ во Скопје. Овој опус скулптури има современ призвук што наликува на пат кон иднината, кон непознатото, вели ликовната уметница Мирјана Крстева Масети. – Делата во метал поседуваат динамизам, тие се асоцијативно-ротирачки формации, кои претставуваат рефлекс од едно друго време, рефлекс од безвременоста, рефлекс од вселената. Кругот, неговата моќ и неговото симболистичко сфаќање раскажуваат за панта реи. Феникс, повторно раѓање, издигнување од пепелта е наративно пораката што ја носи оваа изложба. Стојаноски е патник низ времето, тој волшебно ја менува својата стварност оставајќи трага што сведочи за творечка физиономија создадена во духот на новото време – вели Мирјана Крстева Масети. Марјан Стојаноски заврши Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на ДЛУМ. Во два наврати беше претседател на ДЛУП, каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул“. Има реализирано голем број изложби, како самостојни така и групни.
Ка.М.
Comments