top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложбата „Модерна традиција“ на Фидановски – крик за спас на старите занаети со осовременување на дизајнот

11.07.2024 juli Cetvrtok

Според Јасминка Намичева, во уметничкото патешествие насловено „Модерна традиција“, базичната идеја е извлечена од културолошкиот багаж кој уметникот го апсорбирал низ долгогодишните истражувања на генезата на формите, колоритот, декорациите и занаетчиските техники на македонската керамичарска традиција. „Изложбата е и поттик за размислување како традиционалните занаети, осовременети со современ дизајн и индивидуален печат на уметникот, можат да бидат посакувани предмети за секое домаќинство“, вели Лорета Георгиевска

Во Музејот на Град Скопје, завчеравечер, во рамките на манифестацијата „Скопско лето 2024“, беше отворена изложбата „Модерна традиција“ на уметникот Филип Фидановски, на која со својата креација гостуваше Марјана Костојчиноска-Узунчева. Љубителите на уметноста и на старите  македонски занаети, имаа можност да ги разгледаат делата кои всушност претставуваат спој на традиционалната грнчарија, која е автентична за македонската традиција и нејзиното трансформирање во модерен визуелен стил со авторски пристап на уметникот.

„Оваа изложба ‘Модерна традиција’ е сама по себе еден крик за спас на старите занаети. Едноставно, со оваа изложба сакав да покажам дека онаа традиција што ја имаме во керамичкиот занает и во сите други занаети, може да најде примена во модерниот и современиот живот на модерниот човек“, посочи во својата видеопорака по повод изложбата уметникот Филип Фидановски.

Според кураторката на изложбата Јасминка Намичева, во ова уметничко патешествие базичната идеја е извлечена од културолошкиот багаж кој уметникот го апсорбирал низ долгогодишните истражувања на генезата на формите, колоритот, декорациите и занаетчиските техники на македонската керамичарска традиција.

„Од богатиот дијапазон на отпечатоци содржани во оваа мемориска капсула, Фидановски со умешност на вешт алхемичар, ги изнедрува од историската темнина и „барбутина“ декорациите од втиснатите прсти врз неолитските керамики на говрлевските садови и префинетата структура на глината од скупските садови „terra sigillata“. Тука се и трева-зелениот замав на четката која ја влечеле уште средновековните грнчари врз садовите, облиците од грнците и бардаците за вода кои занаетчиите од Скопската чаршија ги продавале во пазарните денови на ледината во подградието на тврдината во Скопје  и карактеристичното „сплескано“ глинено мало тавче во кое се подготвувало надалеку познатото „тавче гравче“ во чаршиските ашчилници…“, меѓу другото посочува Намичева. Таа на отворањето на изложбата додаде дека еден топол момент или белег на целата концепција даде вклучувањето на идејата која Маријана Костојчиноска Узунчева ја разработува со вметнувањето на она што традиционалната жена го изработувала дома за да го доукраси домот, но исто така и да го покаже својот креативен потенцијал.

Според Лорета Георгиевска, се работи за спој на традиционалното и на современото, на колективниот дух и на личниот сензибилитет.

„Изложбата ја организира Центарот за култура и културолошки студии во Скопје како дел од мисијата за зачувување на културното наследство. Предлогот на уметникот Фидановски да го актуализира изумирањето на старите занаети и да посочи како тие можат да бидат дел од современото живеење ја препознавме како идеја на која вреди да се работи, за среќа и Министерството за култура ја препозна вредноста и даде своја поддршка. Изложбата е и поттик за размислување како традиционалните занаети осовременети со современ дизајн и индивидуален печат на уметникот можат да бидат посакувани предмети за секое домаќинство“, вели Лорета Георгиевска од Центарот за култура и културолошки студии.

Инаку, изложбата „Модерна традиција“ е и апел до надлежните керамиката повторно да стане предмет на изучување во средното и високото образование. „Грнчарството, вели и самиот Филиповски, е наша традиција, ако го изгубиме, ќе изгубиме и дел од нас, од нашиот идентитет“.

Изложбата за сите заинтересирани посетители ќе биде отворена до 24 јули. (Д.Т.)


4 views

Comments


bottom of page