Изложбата „Експериментален цртеж“ на ДЛУМ во „Кунст депот“ во Венеција
07.11.2024 Noemvri Cetvrtok
Изложбата „Експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе биде отворена денеска во галеријата „Кунст депот“ во Венеција, а ќе трае до 17 ноември. ДЛУМ ја организира изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“ секоја година како дел од официјалната годишна програма. Годинава изложбата се организира по осми пат, што го покажува постојаниот интерес на современите уметници за изразување во ова специфично ликовно подрачје.
– Изложбата има цел да овозможи простор за презентација на дела каде што границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми. Оваа изложба го слави иновативниот дух на уметниците што се осмелуваат да ги предизвикаат конвенциите на медиумот, презентирајќи разновидна колекција на експериментални цртежи што ги предизвикуваат очекувањата и ги повикуваат гледачите да откриваат нови можности на ликовна креација. Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јагленот, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и да се користат нови материјали и техники. Имавме посебна чест што изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“ годинава во Македонија се реализира во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески – велат од ДЛУМ.
ДЛУМ дополнително ја воведе и темата „Можност за осврт кон делото на Борко Лазески“ со идеја да се поттикнат современите автори за истражување и создавање сопствени дела во релација со цртежите, но не и делото на еден од основоположниците на македонската ликовна уметност. Тоа е уникатна можност за синергија помеѓу авторите и просторот во кој творел и живеел нашиот великан Борко Лазески, чие творештво останува да инспирира и поттикнува.
Изложбата „Експериментален цртеж“ е дел од програмските изложби на Друштвото. На 7 ноември годинава ДЛУМ ја отвора изложбата во галеријата „Кунст депот“.
– Ова претставување е значајно како за друштвото така и за можноста да го претставиме рецентното творештво на нашите членови на ДЛУМ на меѓународна сцена. Изложбата годинава беше посветена на македонскиот ликовен уметник Борко Лазески и беше поставена во неговото ателје, во кое тој творел и работел. На изложбата се претставени четириесетина цртежи изработени во повеќе цртачки техники. Благодарност до Љупка Делева, наша членка на друштвото, ликовна уметница што живее и работи во Венеција за нејзиниот ангажман да се реализира оваа изложба во галеријата „Кунст депот“ во Венеција – велат од Друштвото.
Comments