Изложбата „Австриската уметност после 1945” во Даутпашиниот амам по повод 30 години дипломатска соработка на Македонија и Австрија
30.10.2024 Oktomvri Sreda
„Австриската уметност после 1945” е изложбата, која вечерва (30 октомври), со почеток во 18 часот, ќе се отвори во Даутпашиниот амам, а по повод 30 години воспоставена дипломатска соработка меѓу Австрија и Македонија. Изложбата се реализира во организација на Австриската амбасада во Скопје во соработка со Националната галерија на Македонија.
-Современа уметност по 1945 година во Австрија се карактеризира со богата разновидност на стилови, движења и пристапи. Од егзистенцијалната апстракција на повоениот период до радикалните изведби на виенскиот акционизам и концептуалните истражувања на постмодернизмот, австриските уметници постојано ги поместувале границите на она што уметноста може да биде и што може да претставува. Денес, австриската современа уметност и понатаму е енергично и динамично поле, кое ги одразува не само локалните специфичности на австриската историја и култура, туку и пошироките глобални струи на современата уметничка практика. Преку своето творештво, австриските уметници длабоко се вклучија во политичките, социјалните и технолошките промени во 20 и 21 век, давајќи значаен придонес на меѓународната уметничка сцена. Оттука, оваа изложба на македонската публика ѝ открива еден важен аспект од австрискиот културен идентитет. Таа отвора можност да видиме дел од творештвото на некои од авторите кои низ децениите наназад учествувале во оформувањето на австриската уметничка сцена и афирмацијата на новите ликовни тенденции, посочува Маја Неделкоска-Брзанова, директорка на Националната галерија.
Како што додава таа, станува збор за избор од 50-ина слики и неколку скулптури – современи уметнички дела од повеќе автори кои со својот творечки и интелектуален потенцијал одиграле значајна улога во развојот на австриската ликовна уметност после 1945 и денес се дел и од повеќе приватни колекции.
– Токму затоа веруваме дека и овој пат амбиентот на средновековната турска бања „Даут пашин амам“ од втората половина на 15 век, со својата специфична и карактеристична архитектура, композициски и идејно ќе придонесе во надградувањето и збогатувањето на концепциската поставеност и структурата на изложбата „Австриската уметност после 1945”, која е дел од низата културни настани организирани по повод одбележувањето на јубилејот 30 години од воспоставувањето на дипломатска соработка помеѓу нашите две земји. Оваа изложба претставува една од можностите за доближување на народите. Јазикот на уметноста и културата е универзален јазик кој во себе ги создава, гради и негува општочовечките вредности. Токму преку афирмацијата на уметничкото творештво во најголема мера можеме да ги зацврстиме културните врски меѓу народите и земјите, притоа секогаш истакнувајќи ги заемните и универзални вредности и поттикнувајќи исклучиво одредена хуманистичка димензија, додава Неделкоска-Брзанова.
Comments