top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложбата „120 години Илинденско востание“ на Државниот архив во Крушево и Охрид

На големиот празник Илинден, на плоштадот во Охрид, на видеобим, Државниот архив ја прикажа изложбата „120 години Илинденско востание – документи и фотографии“, која претходно беше претставена на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ во Крушево. Изложбата содржи над 300 архивски документи и фотографии прикажани на 20 изложбени паноа. Документите се дел од архивските фондови што се чуваат во Државниот архив, а се преземени од архивите во Истанбул, Софија и во Белград. На почетокот на видеопрезентацијата на оваа изложба зборуваа директорот на Државниот архив, Емил Крстески, и раководителот на Државниот архив – Одделение Охрид, Никола Митровиќ. Државниот архив му изрази голема благодарност на Михајло Филев за неговата поддршка и ангажман околу реализацијата на овој проект. Оваа изложба беше претставена и пред „Македониумот“ во Крушево и со неа Државниот архив се приклучи кон одбележувањето на 120-годишнината од илинденската епопеја.​

– Драго ми е што и оваа година Државниот архив е присутен со свои проекти на отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Оваа изложба ги прикажува: создавањето на Македонската револуционерна организација, церемониите на заколнување на членството, дисциплината и солидарноста на Организацијата, нејзината структура, познатите војводи и револуционери, подготовките за Илинденското востание, текот и клучните оружени борби со турската војска. На неколку паноа се прикажани и активностите што следувале по востанието, неговите последици и ефекти, како и конзулските известувања и објавите на светските печатени медиуми за него – изјави директорот на Државниот архив, Емил Крстески, по повод отворањето на изложбата.

В.Д.


0 views

Comentarios


bottom of page