top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложба со 150 дела како омаж за големиот уметник Димче Коцо

22.06.2021 Juni Vtornik

Речиси 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на еминентниот македонски ликовен автор Димче Коцо, во текот на летото ќе можат да се видат во Чифте амам во рамките на изложбата која ќе биде отворена вечерва (23 јуни) во 20 часот. Дел од оваа обемна поставка на Националната галерија, која се реализира по повод 110 години од раѓањето на уметникот, и е резултат на претходните истражувања, се и неговите лични документи.

Коцо е автор кој остави особен белег во историјата на модерното македонско сликарство, не само преку своето ликовно творештво, туку и како ликовен критичар и истражувач и автор на голем број трудови од областа на историјата на уметноста.

Според вишиот кустос Славица Алексоска, она што е значајно за творештвото на Коцо, во однос на техниката по која е препознатлив, е таписеријата.

„Меѓудругото, ќе бидат изложени повеќе од триесет таписерии со различна тематика. Главно, како тема за изработка на теписериите била македонскиот фолклор, а знаеме дека Димче Коцо бил долго време директор на Етнолошкиот музеј во Македонија.

Оттаму и љубовта кон таписеријата. Бил опкружен со стари килими, народни носии, а како историчар на уметноста користел и мотиви од Средниот век, од митологијата, од византиската уметност… На неговите таписерии се претставени великодостојници, мајка со дете која асоцира на Богородица со Христос, тука е и ‘Плачот на Рахела’, од византиската уметност, која е сопственост на Национална галерија…“, посочува Алексоска. Таа додава дека Коцо ги користи како мотиви и секојдневните предмети употребувани во селските средини. На таписеријата, пак, акцентот не е даден само на централната фигура, туку има и многу други симболи флорални, геометриски.

„Тој ги врамува таписериите во рамка која е декоративна и дава една целина… Во 50-тите и 60-тите, мотивите се пореалистични, а потоа е застапена и кубистичка и апстрактна уметност“, додава Алексоска.

Во делата на Коцо, плод на зрел автор со богата имагинација, се изразени неговите размислувања за времето и неговото незапирно одминување, за материјата и нејзината минливост, за човекот и неговото опкружување, обичаите, верувањата, размислувањата… Своите уметнички творби ги презентирал на 13 самостојни изложби и на голем број групни претставувања во земјата и странство. Неговите дела се наоѓаат во музеи, галерии и приватни колекции во земјата и во странство.

На изложбата ќе бидат претставени и неговите дела кои досега ретко или воопшто не се изложувани пред македонската културна јавност. Оттука, ќе бидат поставени дела во сопственост на институции и приватни лица.

Овој проект ќе го претстават трите кураторки: виш кустос Славица Алексоска, виш кустос Маја Неделкоска Брзанова и виш кустос Маја Чанкуловска.

Изложбата за уметникот Димче Коцо се реализира во рамки на 42. издание на фестивалот „Скопско лето“, кое завчеравечер, на првиот ден на летото, се отвори со изведба на операта без зборови „Од оркестарот за публиката“, во салонот на Националната опера и балет. „’Скопско лето’ е синоним за масовна посетеност и исполнетост со активна публика. Убеден сум дека и оваа година ќе биде така, затоа што програмата која ја нуди, доминира со квалитет и содржини кои немаме прилика да ги видиме другпат’“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на отворањето на фестивалот. (Д.Т.)





1 view

Comments


bottom of page