top of page

Изложба “Розови тигри и златни гуштери и сè друго“ во резиденцијата на ЕУ во Скопје

„Розови тигри и златни гуштери и сè друго“ е наслов на изложбата за Европскиот зелен договор која од завчеравечер е отворена во резиденцијата на ЕУ. Изложбата ја отворија сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска и шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир.

Поставката е дел од кампањата за Зелениот договор што Делегацијата на ЕУ ја започна во ноември минатата година, повикувајќи на силна политичка посветеност и итна акција на сите нивоа во справувањето со климатските промени.

Главната тема на изложбата е спречување на колапсот на биодиверзитетот, што е меѓу основните цели на Европскиот зелен договор. Уметниците, избрани од скопската галерија Акантус, ги изразија своите грижи поврзани со животната средина инспирирани од Европскиот зелен договор.

Вана Урошевиќ, Зоран Тодовиќ, Велимир Жерновски, Маја Кировска, Ненад Тонкин и Озбек Ајваз, изработија уникатни уметнички дела кои ќе послужат како мотив за размислување при интерактивните дебати што Делегацијата на ЕУ ќе ги организира во следните три месеци. Работилниците ќе бидат место за дискусија за најрелевантните прашања поврзани со Зелениот договор во С. Македонија, како и за можните решенија. Ќе вклучуваат деца, студенти, претставници на граѓанското општество, властите и академските кругови.

Изложбата е отворена до 20 мај 2022. Резервација на време за посета и бесплатни билети може да се добијат преку Фејсбук страницата „ЕУ за Култура“.






 
 
 

Comments


bottom of page