Изложба „Ретро: телесни ретроспективи“ на Јана Јакимовска во МСУ
Во Музејот на современата уметност во Скопје, вечерва (23 септември), во 20 часот, ќе се отвори изложбата „Ретро: телесни ретроспективи“ на уметницата Јана Јакимовска. Изложбата е со мултимедијален карактер и опфаќа дела од повеќе рецентни периоди од нејзиното творештво. Ова е 21. самостојна изложба на Јакимовска и ќе биде отворена до 5 октомври.
„Ретро: телесни ретроспективи е поглед фрлен наназад кон самата себе како човечко суштество, општествено битие, жена, мајка, уметница. Во фокусот на изложбата е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее; телото копулира, раѓа; телото крвави, умира; телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е ,јас’, а што телото? Како треба јас и моето тело да се чувствуваме во различни емотивни и општествени контексти? Кому телото му должи, кому му полага одговорност? ,Ретро…’ не претендира да биде ретроспективна изложба бидејќи не е – таа само рециклира и реконтекстуализира некои веќе видени концепти во обид да одговори на овие прашања“, вели авторката, која освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс.
Comentarios