Изложба „Рак не е само хороскопски знак“ во галеријата „КО-РА“
„Рак не е само хороскопски знак“ е насловот на самостојната изложба на уметникот Сокол Марковски, која од денеска ќе биде отворена во галеријата „КО-РА“ во Домот на култура „Кочо Рацин“. Сликите се изработени во периодот меѓу 2020 и 2021 година, во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија. “Идејата врз која го градам проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба“, соопшти уметникот Марковски. Марковски смета дека претставувањето портрети, што како портретниот жанр го усовршува подолг период, е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанијата на колективот. “Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се обидувам да ги претставам преку извесна поетска арт брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што примарно е доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности“, вели Марковски. Портретите се поставени на црна позадина која, според уметникот, ги потенцира психолошките нијанси на фацијалните промени кај личноста, а претставувањето на очите како „огледало на душата“, или универзална симболика на внатрешниот свет на секоја личност е изоставено. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и ќе биде отворена до 29 ноември.
Comments