top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложба полна со симболика на Јана Манева-Чупоска: „Љубовници во пандемија“ ја пренесоа надежта и во

Изложба полна со симболика на Јана Манева-Чупоска: „Љубовници во пандемија“ ја пренесоа надежта и во Нови Сад

„Изложбата ‘Љубовници во пандемија’ за мене е дел од една своевидна колективна меморија, овековечена преку состојбата предизвикана од пандемијата. Делата од изложбата упатуваат кон надеж, верба и ослободување од сите стравови кои ни се наметнати“, посочува за весникот ВЕЧЕР Јана Манева-Чупоска, уметница и редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, Скопје. Нејзините дела се претставени пред публиката во Националниот музеј на Војводина во Нови Сад

Изложбата „Љубовници во пандемија“ на македонската уметница Јана Манева-Чупоска, која минатата година успешно беше претставена во Националниот музеј во Херсон – Украина, сега може да ја види и публиката во Националниот музеј на Војводина во Нови Сад. Делата на Манева-Чупоска инспирирани токму од пандемијата која за жал се уште трае, но и од надежта за подобро утре, поточно за љубовта како спас од моменталната состојба, во овој музеј со богата историја ќе бидат поставени до 15 ноември. Изложбата се состои од четириесет дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника: молив, јаглен, акрил и темпера.

„Националниот музеј на Војводина има соработка со уметници од цел свет, а Нови Сад е дел од европската програма за култура за 2022 година. Направив контакт со нив, испратив свое портфолио и нивната комисија одлучи да имам самостојна изложба во овој музеј. Делата се од циклусот ‘Љубовници во пандемија’, кој го започнав инспирирана од сите овие кризи кои не снајдоа и од изолираноста, но ја надополнив и со нови дела“, посочува за весникот ВЕЧЕР, Јана Манева-Чупоска, уметница и редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, Скопје.

Лицата на луѓето во овој ликовен циклус се во грч, страв и болка, и според Манева-Чупоска даден е ликовен акцент на психолошката состојба на човековиот ум. “Оваа изложба за мене е дел од една своевидна колективна меморија, овековечена преку состојбата предизвикана од пандемијата. Делата од изложбата упатуваат кон надеж, верба и ослободување од сите стравови кои ни се наметнати. Исто така сугерира и на потребата од љубов, која може да не насочи кон убавата страна на животот“, додава проф. д-р Манева-Чупоска.

Таа токму љубовта ја нагласува како ликовен симбол кој во овие дела дава надеж.

„Музејот во Нови Сад од организациски аспект се покажа во најдобро светло, а го покажа и својот однос кон гостите и како треба да се организира една изложба. Директорката Тијана Станковиќ-Пештерац ја отвори изложбата заедно со Александар Педовиќ, кој беше домаќин и на ликовната колонија во Нови Сад на која присуствував пред петнаесетина години. Слаѓана Велендечиќ, пак, се потруди да се постави и организира изложбата, на која присуствуваа голем број посетители и медиуми, а беше посетена и од Македонците кои живеат и работат во Нови Сад. Тие беа среќни што од Македонија дојде уметник да ја промовира современата ликовна уметност во овој Музеј посетен од голем број на туристи, и музеј со бројни активности“, вели Манева-Чупоска.

За следните свои чекори, пак, уметницата посочува дека би сакала следната година изложбата да ја претстави и во Културно -информативниот центар во Истанбул, Турција. Манева-Чупоска е и во сериозни подготовки за својата ретроспективна изложба за 30-годишно работење на ликовната сцена во Македонија и странство.

„Би сакала следната 2022 година да направам ретроспективна изложба, а во преговори сум со Националната галерија. Тоа е еден обемен труд за кој се надевам дека ќе се направи со кураторот Ана Франговска, од Национална галерија“, истакнува проф. д-р. Манева-Чупоска. (Д.Т.)





5 views

Comments


bottom of page