top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложба „Навезени спомени“ со најкарактеристични народни везови во чест на Блаже Конески

„Навезени спомени“ е наслов на изложбата во Музејот на Македонија на која се претставени 53 најкарактеристични народни везови, од различни етнографски области на нашата земја. Изложбата е поставена во чест на македонскиот поет, Блаже Конески, втемелувачот на современата македонска филологија и лингвистика, а по повод 100-годишнината од неговото раѓање.

Инаку, везовите се поставени во 30 рамки и претставуваат значајно сведоштво за креативноста, оригиналноста и вештината на жената – везилка, но и за традицијата што со векови се пренесувала од колено на колено.

Според кустос советникот Горданче Видиниќ, авторот на изложбата и каталогот, неслучаен бил поривот на нашиот голем, но и светски признаен поет Блаже Конески да ја воспева македонската жена.

“Во песната Везилка и Убавите жени, тој ги воспева нејзините најдобри, единствени и неприкосновени вредности: улогата на мајка, чувар на куќата и домот, вредна домаќинка, но и исклучително инвентивна и талентирана жена, везилка. Тоа се неговите најубаво испеани стихови за неа, за жената, за мајката, за сите мајки посветени до крај на домот, на семејството и сите потреби што произлегувале од него во секојдневниот живот. Тие, везовите, најпрво биле создавани во мечтите на жената везилка, а потоа, со вештината на рацете, со љубовта на срцето и чувството за убавина, ред по ред вези, ред по ред сонувај, дури докрај не се отсонува сонот што треба да биде ставен на платно, и тоа одопаку, токму како што е поголемиот дел од македонските везови… Преку нив, таа ги раскажала своите најдлабоки чувства, ја извезла својата животна приказна проткаена со среќа и тага, со болка и радост, копнеж и надеж…“, истакнува Видиниќ.


0 views

Comments


bottom of page