Изложба на цртежи и колажи од Стефан Младеновски
Изложбата „Записи“ на цртежи и колажи од Стефан Младеновски ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во салонот „Империјал 1“ во КИЦ. Сликите на Стефан Младеновски сочинуваат синтеза на сите ликовни техники и дисциплини. – Тоа е една голема ризница на ликовното писмо, библиотека во која се складираат различностите на ликовната уметност. Но, сепак, тие поединости се распоредени во еден совршен ред и целина. Само навидум одразот на хаосот и немирот во деталите создава импулсивен впечаток. Во оваа сликарска уметност владее совршена хармонија. Како таинствена калиграфија, штотуку одвиткана од свитокот на некој далечен мистик. Потребни се големо внимание и љубопитност да се дешифрира ликовното писмо на Стефан Младеновски – пишува Никола Пијанманов, ликовен уметник, во рецензијата за изложбата. Стефан Младеновски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2020), оддел графика со насока конзервација и реставрација, во класата на Зоран Јакимовски. Магистрирал на истиот факултет (2022) под менторство на Мирко Вујисиќ, област графика. Член е на ДЛУМ од 2020 г. Досега реализирал осум самостојни изложби и учествувал на над триесет групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на три национални награди за графика. Изложбата ќе биде отворена до 28 јуни.
Comments