top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложба на фотографии „Поради џезот“ на Оливер Белопета

На 10 декември (сабота), во 19 часот, во Галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложбата на фотографии на Оливер Белопета, „Поради џезот“. Оваа изложба, под кураторство на Жига Коритник, беше поставена во 2017 година, во Галеријата на „Цанкарјев дом“ во Љубљана. Станува збор за селекција од 30 дела од богатата ризница фотографии на Оливер Белопета, направени во периодот од 2009 до 2016 година, на различни локации и музички фестивали низ светот. Изложбата, дополнета и повторно курирана од Жига Коритник, а реализирана во соработка со Младинскиот културен центар и „Скопскиот џез-фестивал“, ќе биде поставена во Галеријата на МКЦ до 23 декември. – Освен неговата љубов за добрата музика и дизајн (во мноштвото други интереси), јас особено се гордеам со Оливер како фотограф. Свесен сум за богатството на неговиот живот, што го почувствував уште од почетокот на нашата соработка. Дури уште тогаш му се понудив да му ја разгледам архивата и да му одберам фотографии за изложба. Сепак, помина многу време додека конечно ме покани да ја курирам неговата изложба на „Љубљанскиот џез-фестивал“ во 2017 година. Се изненадив кога ја добив неговата поширока селекција на фотографии, кои покажуваа техничка и содржинска перфекција. Ги одбрав овие фотографии за убаво да се впијат во галерискиот простор, што се покажа како тешка задача, бидејќи ги имаше толку многу и толку интересни! Потоа го предложив насловот на изложбата. Мислам дека имаме среќа што можеме да погледнеме макар и само мал дел од фотографскиот живот на Оливер – вели Жига Коритник, фотограф. Според Ичо Видмар, новинар, само еден краток поглед кон фотографиите на Оливер Белопета од многубројните светски подиуми ги открива токму таа сјајна разноликост и непредвидливост на музицирањето, на хетерогеноста на талентот што тој умее во целост да ги почитува и да ги промовира на неговите концерти.

– Ликовите на фотографиите се, главно, познати музичари, млади и стари, сосредоточени и спонтани, разиграни и задлабочени, посебни, но истовремено и толку обични во уметничкиот и во приватниот живот. А сепак, нивната подготвеност да го направат следниот чекор е очигледна – желбата да креираат нов звук и да зачекорат во нови музички пространства – вели Видмар. Хенинг Болте вели дека неговите фотографии покажуваат фасцинантна комбинација од респект кон познатото и возбудливи, изненадувачки проникнувања. Веднаш по отворањето на изложбата, со почеток во 21 часот, вo киното „Фросина3 (МКЦ) ќе биде прикажан музичкиот документарец „Самр оф соул“, чија домашна премиера се случи во октомври, во рамките на 41. „Скопски џез-фестивал“.

Ова претставува уште една ексклузивна можност овој култен документарец да се ужива на големото платно. Станува збор за филмско деби-остварување на познатиот американски хипхоп-артист Амир Квестлав Томпсон, кој претставува дел музички филм, дел историски запис – посветен на еден епски настан што ги прослави афроамериканската историја, култура и мода. Во текот на шест недели во летото 1969 година, на само сто милји јужно од Вудсток, беше одржан и снимен „Харлем калчрал фестивал“ во паркот „Маунт Морис“. Снимката беше одамна заборавена – сè досега. Филмот ги истакнува улогата и важноста на историјата за нашата духовна благосостојба и претставува цврст доказ за исцелителната моќ на музиката во време на немири, како во минатото така и денес. Документирани се концертни изведби на Стиви Вондер, Нина Симон, Махалија Џексон, Би Би Кинг и многу други. Филмот освои голем број награди, меѓу кои и „оскар“ за најдобар документарен филм и „греми“ за најдобар музички филм.



1 view

Comments


bottom of page