Изложба на фотографии за културното наследство во Охрид
Од 5 до 7 јули, во Меморијалната куќа „Христо Узунов“ во Охрид, ќе се одржи изложба на фотографии од голем формат од најзначајните културно-историски локалитети и други аспекти на културното наследство од Охрид и на територијата на Република Северна Македонија. Основната цел на проектот е подобро запознавање и подигнување на јавната колективна свест за промоција, одржување и унапредување и афирмација на археолошките зони, културно-историските споменици, религиозните објекти и сите други форми на културно наследство на нашата земја, кои се вистински сензации на изложбите во најголемите европски и културни центри. Со оваа изложба се афирмираат неколку непобитни историски факти значајни за Република Северна Македонија: – свети Климент на возвишението Плаошник над Охридското Езеро создал книжевна школа и универзитет со околу 4.000 посетители, – исто како што македонските фрескосликари, во црквата во селото Курбиново, на брегот на Преспанското Езеро и во манастирот „Св. Пантелејмон“ во близина на Скопје, создале дела со кои, всушност, ја навестиле ренесансата, – она што е веќе откриено и заштитено во Стоби овозможува да се раскаже една цела оригинална приказна за објектите, вредностите и начинот на живеење во овој некогаш многу значаен град покрај Вардар и во средиштето на Балканот, – богатството на артефакти од Плаошник, Хераклеја и на уште голем број археолошки локалитети сведочат за густината на творечките вредности, култури и религии на оваа наша почва, – фреските, иконите, резбите и иконостасите од Бигорскиот манастир на прочуените протомајстори Макарие Фрчкоски, Димо Гарката, Дичо Зографот и плејадата нивни ученици и соработници во XIX век се сведоштва за нивниот раскошен, индивидуален авторски гениј. Изложбата е во реализација на „Медија броадцастинг“, a со поддршка од Министерството за култура.
Comments