Изложба на фотографии – еден вид омаж на Скопје
Во културниот центар „Јадро“ е отворена самостојната изложба „Панта реи“ на Наташа Гелева, која се состои од избор од 25 фотографии од истоимениот циклус и наедно претставува еден вид омаж на Скопје. Оваа целина е и начин да се искористи природата на фотографскиот медиум, особено урбаната фотографија, за да се направи обид за зачувување на сеќавањата, наспроти хаотичниот тек на промените.
– Тие се документ што ни доловува само еден миг во сеопштиот тек на незапирливата промена. Фотографиите колку и да се слични, по својата дефиниција, тие се една уникатна перспектива за времето што поминува и материјата што се трансформира. Снимени од конкретна перспектива, дефинирана од просторни координати во точно одреден момент, тие ги документираат различните фасети на градот што постојано се менува.
Отфрлени столчиња, кукли-манекени пред дуќаните, старо-нови споменични обележја и понекоја човечка фигура – оваа фотографска серија непретенциозно ги поставува избраните визури во групи, како диптих или триптих, и се резултат на увидот во специфични релации, формално-декоративни јукстапозиции, аналогии, стилски противречности… Тие се надвор од логиката на хронологијата и движењето на просторот, но истовремено ни отвораат можност и за обид да се реконструира градот во простор и време. И, секако, да се постави одново прашањето за улогата на граѓаните во развојот и промените на својот град – каде сме ние, каде одиме, како настануваат тие промени, зошто и за кого и како промената нѐ менува нас самите – вели Владимир Јанчевски за изложбата.
Постојат многу начини на кои може да се види, да се согледа и да се мисли промената. Фотографијата е магичен медиум, кој прави упад во времето и нашето сфаќање за историскиот тек.
– Ние веќе одамна сме во еден нов свет – нашиот однос кон времето е радикално променет. Нарушена е историската свест и заглавени сме во еден постисториски луп, на бесконечно повторување во круг, на промената што се забрзува, а во суштина нема видлива и јасна насока, нема историски дефинирана цел. Промената, сама по себе, е цел за себе. А ние како да не можеме да избегаме или исчекориме од тој круг. И дали всушност се менува нешто суштински или имаме само забрзување на менувањето на тоа што е површинско, појавното? И дали е тоа така за да не се промени јадрото на најсуштествените релации? Градот Скопје минува низ голем број трансформации во својата историја, особено во последните петнаесетина години. Многумина се обидувале да го документираат тој незапирлив тек, а фотографите се, очекувано, на првата линија на тој фронт – пишува во најавата за изложбата.
Наташа Гелева (1978) се занимава со фотографија од 1999 година. Зад себе има неколку самостојни и групни изложби во Македонија и странство. Како позначајна може да се издвои изложбата „Елегија за старата железничка“ во Музејот на градот Скопје во 2012 година. Фотографиите ѝ се со перформативен карактер и во нив најчесто ја испитува интеракцијата на женското тело со простори или предмети во распаѓање, со тоа укажувајќи на минливоста на нештата. Освен со фотографија се занимава и со видео и заедно со режисерот Јане Алтипармаков соработува на неколку проекти, меѓу кои документарниот видеоарт „И фабриките имаат душа“, направен под координација на продуцентот на филмовите на Стенли Кјубрик, Јан Харлан, и на неколку музички спотови. С.Ј.
Comments