Изложба на теракотните икони од Виничко кале
09.02.2024 Februari Petok
На 14 февруари, со почеток во 13.30 часот, во Винскиот музеј за регионот Тиквеш – Кавадарци, по повод празникот Св Трифун, ќе биде отворена изложбата „Теракотните икони од Виничкото кале“, во соработка со локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница.
Археолошкиот локалитет Виничко кале – Виница e утврдена населба од доцноантичкото време, со градби покрај градскиот бедем од 4 до 6 век целосно зачувани. Се наоѓа на самата периферија на градот Виница, на рид висок околу 70 м, покрај патот Кочани – Виница – Берово. Корените на христијанството се наоѓаат во Виница изразени преку теракотните икони пронајдени во Виничко кале. Виничките теракотни икони се вбројуваат во редот на најавтентични археолошки откритија и претставуваат драгоцен дел од целокупното христијанско наследство.
Овие теракотни релјефи содржат иконографски претстави со христијанска тематика, како и латински натписи со литургиска содржина. Датирани се во 5 – 6 век и веројатно служеле како апликација на ѕидовите на гробните објекти во доцноантичкиот период во виничкиот градежен комплекс. Теракотните икони од Виничко кале претставуваат единствени од ваков тип со непроценливо богатство од археолошка, уметничка и теолошка вредност.
Comments