Изложба на Татјана Винона Јонеска, нашинка од Лондон: „Интервали“ отвора прашања и разоткрива скриени врски
08.07.2024 juli Ponedelnik
„Кога работам галерискиот простор секогаш го вклучувам во самото дело и целата изложба претставува една целина. Сите овие дела во различни медиуми си отвораат разговор едни со други, го разигруваат просторот и поттикнуваат некои подлабоки размислувања околу поимот интервал… Целта ми е со делата да се отвори понатамошна дискусија“, вели за весникот ВЕЧЕР, Татјана Винона Јонеска, авторката на изложбата „Интервали“, која живее и работи во Лондон каде што, додава, нејзината практика е придружена со ентузијазам за интелектуална авантура
Татјана Винона Јонеска, македонска уметница која живее и работи во Лондон, ја отвори својата втора самостојна изложба во родниот Прилеп, насловена „Интервали“. Исто како и со првата изложба „Еден облак подалеку“, која ја реализираше минатата година, и овој пат таа го привлече вниманието на јавноста и љубителите на уметноста. Во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“, во Прилеп, е претставен динамичен спој на дела од хартија, слики, инсталација во простор и видео.
„Оваа мултидисциплинарна изложба се стреми да понуди подлабоко размислување за интервалите како спојници на просторот и времето. Со поетски став, ‘Интервали’ отвора прашања за разоткривањето на скриените врски, ритми, транзиторни моменти и простори што ја обликуваат нашата перцепција“, посочи во најавата на изложбата уметницата, која магистрирала на престижниот Кралски колеџ за уметност (Royal College of Art London), во одделот современа уметничка пракса – критичка практика. Пред тоа таа студирала и на исто така престижниот колеџ за уметности во Chelsea College of Arts – Универзитетот за уметности во Лондон, каде што се стекнала со диплома по ликовна уметност со почести од првa класa.
„Кога работам галерискиот простор секогаш го вклучувам во самото дело и целата изложба претставува една целина. Сите овие дела, иако се во различни медиуми, си отвораат разговор едни со други, го разигруваат просторот и поттикнуваат некои подлабоки размислувања околу поимот за интервал. Како што знаеме интервал најчесто асоцира на време, пауза меѓу настани, а истовремено е поврзана и со простор. Значи изложбата е за тоа како тие празни простори како алки, спојки, ги спојуваат работите, позитивно и негативно… “, објаснува за весникот ВЕЧЕР авторката на изложбата. Таа додава дека со своите дела секогаш отвора простор кај посетителите за сопствена интерпретација, со тоа што сака да види и да слушне како луѓето размислуваат и каква реакција предизвикуваат нејзините дела кај нив.
„Целта ми е со делата да се отвори понатамошна дискусија. Имам дела на хартија, а хартијата е петолиние каде што се пишува музика… и тие се насловени „Варијација на движење“. Исто така преку инсталциите во просторот може да ја почувствуваме изложбата со нашето тело и самиот посетител станува дел од интервалот. Тука е и видеото „Интервали“, импровизација снимена во Лондон со музичари во транзитен простор, при што тие не се гледаат, но звукот ги поврзува…“, додава Татјана Винона Јонеска, која истакнува дека често импровизира и на тој начин нејзината пракса е отворена кон случајности.
„Минатата година се запознав со многу наши уметници и направивме и работилница, а се отвори и идеја за меѓународна изложба. Се надевам дека изложбата ќе стане традиција и со секоја наредна ќе научиме нешто ново, при што ќе се роди нова идеја и ќе се создаваат нови контакти. Би било добро изложбата да биде претставена и во другите градови во Македонија“, вели уметницата. Со оглед дека досега има изложувано на повеќе изложби во Обединето Кралство, но и во други европски држави, таа додава дека во светот сè поголем интерес има за изложби на уметници од понеразвиени земји.
„Во овие земји уметниците многу импровизираат, а кога се импровизира и луѓето стануваат покреативни и се раѓаат нови идеи и дела“, истакнува таа.
Инаку, делата, вели, се нови и создадени за оваа изложба, освен видеото кое е претставено на неколку фестивали и настани.
Винона се занимава со прашања околу перцепцијата, истражување за тоа како се среќаваме со просторот и како ја доживуваме темпоралноста. Учествувала на бројни групни изложби во Обединетото Кралство и на меѓународно ниво.
Уметницата претходно, во разговорот за весникот ВЕЧЕР, одговори и на прашањето зошто токму Лондон бил нејзиниот избор и колку е тешко за еден македонски уметник да се пробие и да опстои на британската ликовна сцена.
„Зошто Лондон е прашање на кое не би можела да дадам конкретен одговор. Мислам дека една од причините беше мојата љубопитност за истражување. Како што знаеме, Лондон е мултикултурен космополитски град кој, несомнено, се позиционира во првите редови поврзани со современата уметност, иновациите и промените. Со бескомпромисна заложба за развој на мојата практика, која воедно е придружена со ентузијазам за интелектуална авантура, природно ме привлече ликовното образование. Имав огромно задоволство да студирам на колеџи што овозможуваат стимулативен простор за развој. Се разбира, ова беше проследено со голем број предизвици, но, како што велат Британците: ‘Каде што има волја, има и начин’. Преку моите образование и работа, веќе долго време сум дел од меѓународна заедница, така што сум навикната да бидам странец меѓу странци. Ова го кажувам во позитивна смисла. Сите ние доаѓаме однекаде и со себе ги носиме нашите сличности и разлики. На крајот, и ова може да звучи утописки, она што е важно е да се биде дел од заедница на луѓе што делат исти морални вредности“, кажа уметницата, а нејзината изложба ќе може да се види во галерискиот простор до крајот на месецот. (Д.Т.)
Comments