Изложба на Страхил Петровски во КИЦ-Скопје: „Фрагментирани реалности“ – став за одговорноста загубен
Изложба на Страхил Петровски во КИЦ-Скопје: „Фрагментирани реалности“ – став за одговорноста загубена во информацискиот хаос„Оваа изложба нема цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и на совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази што се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат слободата на човештвото под ризик“, додава Страхил Петровски, автор на изложбата „Фрагментирани реалности“, која ќе биде отворена од 24 ноември до 4 декември, во Културно-информативниот центар во Скопје
Мултимедијалниот проект „Фрагментирани реалности/ fragmented realities“ на уметникот Страхил Петровски од завчеравечер е претставен во двата салона на Културно-информативниот центар во Скопје. За својата 20. самостојна изложба, составена од дела изработени на индустриска хартија, ready – made објекти, фотографија и видео, како медиуми што имаат повеќеслојно значење, авторот посочува дека иницира прашања и нуди различни толкувања на размислите што се однесуваат на егзистенцијалното. Притоа, авторот се позиционира како ангажиран критичар на реалноста на современото општество. Оваа поставка, која привлече големо внимание кај љубителите на визуелната уметност, содржи дела од неговата најнова продукција создадени годинава, изработени во различни медиуми и визуелни конгломерации.
„Што се однесува до самата нарација во делата, тука ги претставувам моето наталожено искуство и ставот за ‘импактот’ на колективната и особено на личната одговорност (загубена во лавиринтите на обременетата динамична и конфузна технолошка денешница на информацискиот хаос), низ комплексни слоеви од универзални значења“, вели уметникот.
Тој додава дека проектот, пред сé, е негова субјективна реакција и рефлексија на она што нему му се случува, но и на сите нас во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни, кои влијаат на виталноста на целата планета.
„Оваа изложба нема цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и на совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази што се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат слободата на човештвото под ризик“, додава Петровски.
Годинава, поточно во септември 2023 г., уметникот се претстави и во Братислава, Словачка, со просторната инсталација и перформанс ГЛАСОВИ/VOICES; во Куманово, во Уметничката галерија со фотографската и видеоинсталација МЕМЕНТО МОРИ/MEMENTO MORI (октомври 2023). Наскоро од печат ќе излезе и публикација од проектот „Синергија во времето”, претставен минатата година (во декември), во Велес.
Роден е 1974 г., во Куманово. Дипломирал во 1997 година, во Скопје, на Факултетот за ликовни уметности, сликарски оддел во класата на проф. Родољуб Анастасов.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје. Има реализирано голем број самостојни изложби и е добитник на многубројни награди. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Мултимедијалните проекти на уметникот Страхил Петровски секогаш побудуваат големо внимание во јавноста со оглед на актуелноста, вложената енергија и на интеракцијата што ја постигнува со публиката. (Д.Т.)
Фото: M. Јаневска-Илиева,ФБ /Страхил Петровски
Comments