Изложба на сликарскиот конак „Грација 2022/2023“ во Куманово
В среда, со почеток во 19 часот, во Изложбениот салон при НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, ќе биде отворена изложбата на слики од меѓународниот сликарски конак „Грација – ИАН 2022/2023“. На изложбата ќе бидат презентирани дваесеттина слики од учесниците на овој проект, работени во последните две години. Меѓународниот сликарски конак „Грација – ИАН“ е нов фактор во културниот и ликовниот живот во Куманово. Домаќин и организатор на сликарскиот конак се Влајко Стојчевски и ресторанот „Грација“ од Куманово, а координатор и уметнички раководител е реномираниот сликар од Куманово – Мики Трендафиловски. На изложбата ќе бидат преставени дела работени во изминатите две години, 2022 и 2023, од 17 реномирани ликовни уметници сликари од 7 држави, и тоа: проф. Катарина Ѓорѓевиќ и м-р Владан Ранѓеловиќ од ФЛУ во Ниш, Паша Гициќ асистент на Универзитетот во Нови Пазар, и Никола Стојановиќ, самостоен уметник од Врање, сите од Република Србија, доцент Мајпејкер Јонсул од Универзитетот во Текирдаг – Република Турција, Габриеле Шафарцик од Република Германија, самостоен уметник, студирала на Универзитетот во Готингент и на Академијата во Краков, проф. д-р Марин (Маки) Милутиновиќ од ФЛУ во Бања Лука – БиХ – Р. Српска, Надежда Златкова, самостоен уметник од Велико Трново – Република Бугарија, проф. д-р Етхем Бајмак од Призрен – Р. Косово, кој живее и работи и во Истанбул – Република Турција, проф. Данчо Ордев, Драги Хаџи Николов, д-р Стојче и Еми Тоциновски, Горан Боев, Лара Ташковска, Мики Трендафиловски, Александар Стефановски и Анастасија Недељковска (млад талент) од Република Северна Македонија. Љубителите на ликовната уметност ќе може изложбата да ја видат во наредните осум дена.
Comments