Изложба на носии во Центарот за култура во Крива Паланка
Во Националната установа Центар за култура во Крива Паланка денеска е отворена изложбата на фотографии од приватната збирка на народни носии од младиот собирач и колекционер, Љупчо Милошевски од Струга.
Изложбата на народни носии насловена „Од Љубаништа до Дебар“ е инспирирана од носиите на брсјачката и дебарско реканската етнографска целина, од пределот по течението на реката Дрим.
Од НУ Центар за култура во Крива Паланка се заблагодарија на Министерството за култура за помошта во реализација на проектот за превземање на изложбите.
– Идејата е да се прикаже разновидноста на мотивите на традиционалното текстилно ракотворство и облека од крајот на 19 и почетокот на 20 век и да ја истакне улогата на фотографијата при истражување и реконструкција на народните носии. Со тоа фотографиите, покрај уметничка, имаат и документарна вредност, рече авторот Љупчо Милошевски.
Изложбата ќе биде отворена секој работен ден од 8 до 15 часот до 5 мај 2022 година.
Comments