Изложба на Музејот на современата уметност – Скопје во Кунстхале, Виена
- Aleksandar Santovski
- Oct 6, 2022
- 3 min read
Во почетокот на следната година во престижниот простор Кунстхале (кој е дел од Музеум квартиер), еден од најголемите европски културни центри во срцето на Виена, на 1.000 квадратни метри ќе биде претставена првпат селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Концептот предвидува 8 меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ – Скопје и неговата колекција. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје, вели организаторот. Уметниците што веќе избираат дела од колекцијата на МСУ – Скопје со кои ќе воспостават дијалог помеѓу делата и нивната работа се: Брук Ендру (Австралија), Јане Чаловски (Р. С. Македонија), Христина Ивановска (Р. С. Македонија), Синиша Илиќ (Србија), Иман Иса (Австрија) и Ѓулсун Карамустафа (Турција). Уметницата што создава фотографии од Скопје и МСУ е Елфи Семотан (Австрија) и уметницата што прави патопис низ градот и музејот е Барби Марковиќ (Србија). Досега во посета на Скопје и МСУ беа најголемиот дел од уметниците, кои веќе почнаа со фотографирање и избор на дела од уметничката колекција на Музејот. Присуството на Брук Ендру и Иман Иса во МСУ – Скопје, покрај нивните обврски врзани со претстојната изложба, МСУ го искористи да одржат и Artist talk за поширока публика. За време на својот престој во МСУ, Синиша Илиќ ја истражуваше колекцијата и правеше избор на дела, а Барби Марковиќ во своите истражувања за Музејот и за Скопје собираше информации, кои понатаму ќе ѝ послужат за креирање пишани текстови поврзани за изложбата. Неодамна во посета на МСУ беше и Елфи Семотан, една од најреспектибилните и најпознати фотографки на денешницата, која направи фотографии од нашиот музеј и од неколку клучни локации на Скопје. Уметничката директорка на „Кунстхале Виена“, Сабина Саболовиќ, веќе двапати беше во работна посета во Музејот на современата уметност – Скопје, каде што заедно со директорката на Музејот, Мира Гаќина, и дел од кураторскиот тим работеа на подготовки за овој голем проект. Неодамна, пак, директорката на МСУ, Гаќина, заедно со тим куратори беше во возвратна работна посета на музејот „Кунстхале“, каде што со тамошниот стручен тим го разгледаа просторот во кој ќе бидат поставени делата од уметничката колекција на МСУ. „Во Кунстхале имавме неколку работни средби на кои разговаравме за овој амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција и неколку меѓународно признаени уметници претходно веќе беа во МСУ – Скопје, каде што почнаа да ја прават селекцијата за тоа кои од значајните дела на нашата колекција ќе бидат изложени в година во Кунстхале. Она на што работиме сега е да видиме и каков е интересот за гостување на овој проект и во други сродни музеи во Европа и пошироко. Важно е да се знае дека ова ново читање на нашата колекција ќе ѝ биде претставено и на нашата публика по завршувањето на изложбата во Кунстхале во Виена. Нашите активности врзани за промовирање на колекцијата на МСУ предизвикаа и реакција кај значајни современи уметници, кои одлучија да донираат свои дела на МСУ: Ахмет Огут, Јонас Стаал, Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, колективот „Шчо делат“, Танија Бругера и други. Се работи за едни од водечките уметници на светската уметничка сцена денес“, вели Гаќина.

Commenti