Изложба на Мице Јанкуловски и Јоргос Ксенос во Солун
„Ко-екзистенција, со-чувство“ е наслов на изложбата на уметниците Мицко Мице Јанкуловски од нашата земја и Јоргос Ксенос од Грција која од утре до 9 декември ќе биде поставена во „Лола Николау“ во Солун.
Куратор на изложбата е Манос Стефанидис.
“Мислам дека никогаш не ми ни паднало на памет да пишувам предговор за уметничка изложба и да почнам не со претставените уметници, туку од галеристот. Но, сега ова е сосема посебен случај. Сега станува збор за Лола Николау, историската галеристка од Солун која помогнала во ширењето и поширокото прифаќање на современата уметност во таканаречената „нимфа на северот“. Покрај тоа, Лола Николау беше таа што пред неколку години прва го претстави на Грција многу важниот уметник од Скопје, Мице Јанкуловски, како и онаа која соодветно го виде дијалогот што тајно се развиваше меѓу него и уметничкото остварување на Јоргос Ксенос.
Значи првата заслуга ѝ припаѓа нејзе, а потоа на конкретната изложба наречена, мислам многу успешно, ко + егзистенција – соживот со она што ова значи уметнички, културно, па дури и политички во тешките, но и чудните денови што ги живееме. Ко + егзистенција, со + чувство… она што се бара во нашето критично време. Во нашиот микрокосмос и во поширокиот свет. И по овој императивен вовед, мислам, да се задржиме на главниот предмет на оваа мала белешка, што секако е заедничкото претставување, соживот, дијалог и комплементарност, ако сакате, на двајцата сликари кои доаѓаат од различни естетски традиции, но се спојуваат во заедничка естетика, жртвувајќи и означувајќи недвојбена модерност“, вели кураторот на изложбата проф. Манос Стефанидис.
Comentários