top of page

Изложба на Марија Павловска „Г-ѓа и г-ца Х“ – ехо на исклучително силната женска енергија

Со мултимедијалниот проект „Г-ѓа и г-ца Х“ на македонската и интернационална уметница Марија Павловска, почна привју-програмата во која се претставуваат уметниците кои ќе учествуваат на Остен Биеналето на цртеж „Скопје 2022“ (ОБЦ 2022).

Проектот на Павловска претставен во галеријата „Остен“, се состои од изложба на полиптих од 32 дигитални дела (секое 50 на 50 сантиметри) и видео како составен дел од изложбата. Истовремено, „Остен“ подготви графичка мапа од 12 избрани дела од проектот „Г-ѓа и г-ца Х“ во едиција од пет копии.

“Со нивното потпишување уметницата Павловска стана дел од групата на интернационални уметници чии графички мапи ја сочинуваат единствената Библиотека на графички мапи „Светско културно наследство“ во издание на Остен Скопје”, соопшти Галеријата.

Кураторот на проектот, Корнелија Конеска, вели дека циклусот од 32 дигитални дела и видео наречен „Г-ѓа и г-ца Х“ е ехо на исклучително силната женска енергија на Павловска.

“Таа претставува повеќеслојната комплексна природа на женскиот елемент – од жената како Мајката Земја до жената г-ѓа и г-ца Х – како рамноправен субјект на современото општество со комплетно задржани атрибути на женственост. Три елементи доминираат во оваа серија – жицата, кругот и ѕидот”, наведува Конеска.

Марија Павловска е родена во Скопје и по студиите имала самостојни изложби во Париз, Берлин, Виена, Белград, Загреб, Сараево, Нирнберг, Њујорк. Живее во Њујорк и е активна на тамошната уметничка сцена.

“Нејзини уметнички дела се претставени низ целиот свет на преку 30 самостојни изложби и повеќе од 100 групни меѓународни изложби, во многу списанија, написи во весници и каталози на музеи и галерии низ светот”, информира „Остен“.


 
 
 

Comments


bottom of page