Изложба на македонскиот уметник Стефан Димовски во Котор
Денеска во Котор, Црна Гора, се отвора самостојната изложба на македонскиот уметник Стефан Димовски. Изложбата ќе биде отворена во 21 часот во Градската галерија Котор. Стефан Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995. Долгогодишниот престој во Франција му увозможува да воспостави контакти со познати акварелисти, и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Во 2010/2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-тото издание на Интернационалниот каталог за модерна уметност (Италија, Рим). Во 2011 добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12 саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. Во 2011 година исто така добива втора награда за скулптура изработена од отпад за рециклирање, во организација на ПАКОМАК – Скопје. Истата година учествува на изложба на акварели во организација на општина Карпош- Скопје. Во 2013 година ја оствари својата прва самостојна изложба во Музеј на град Скопје, а во 2014 година ја реализира и својата втора хуманитарна изложба во ликовниот салон на NLB Галерија во Скопје. Истата година реализира трета изложба заедно со својот татко Ангел Димовски-Чауш, во Народен музеј Велес (Ликовен салон). Во 2014 година исто така ги изложува своите дела, и прави перформанс во Попова кула. Во 2015 година станува член на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија), и учествува на „Експериментален цртеж“ – 2015, „МиниАРТура“ – 2015, „Годишна изложба на ДЛУМ“ – 2015, „Новогодишни честитки – Концепт 37“ – 2015, „Хуманитарна аукција во дом на АРМ“ – 2015, „Мал формат“ КИЦ Скопје – 2015. Во 2016 учествува на 16-ти Зимски салон – Скопје, во 2016 реализира 4 самостојна изложба во NLB Галерија -„Поинаков поглед “, и учествува на „Експериментален цртеж“ – 2016, „Годишна изложба на ДЛУМ“ – 2016, „МиниАРТура“ – 2016, „Мал формат“ КИЦ Скопје – 2016. Во 2017 година учествува на „Експериментален цртеж“ – 2017, и ја реализира својата 5 самостојна изложба во дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје. Во 2017 добива награда „Златна четка“ од ДЛУМ на МиниАРТура во НЛБ галерија. Во 2018 година заедно со Ангел Димовски Чауш, Трајче Чатмов и Љупчо Илиевски ја претствува Македонија на WORLD ART DUBAI во организација на Matchboox gallery Skopje, каде што истата галерија е номинира во 10 најдобри галерии во конкуренција од 42 галерии и 157 уметници. Во 2018 година учествува на изложбата МиниАРTура во Белград, галерија Сингидунум како и во НЛБ Галерија во Скопје; во 2018 учествува на изложбата „Зелените покриви се нашите урбани зелени оази“ во галерија Ко-Ра, Скопје. Во 2018 учествува на изложбата „МАЛ ФОРМАТ“ во Пловдив, Бугарија, како и на годишната изложба на ДЛУМ. Во 2018 година ја реализира и својата 6 самостојна изложба во МКЦ галерија, Скопје. Во 2019 е избран за член на уметничкиот совет на ДЛУМ. Во 2019 учествува на изложбата 60 македонски автори во Вашингтон, САД, и во Отава, Канада. Во 2019 учествува на МиниАРTура во НЛБ Галерија во Скопје, „Мал формат“ во Скопје, како и на годишната изложба на ДЛУМ. Во 2020 година неговите дела се селектирани за соработка со една од најголемите светски онлајн галерии Сингуларт, Париз, Франција. Во 2020 година учествува на годишната изложба на ДЛУМ во Национална галерија – објект „Мала станица“, Мал формат и МиниАртура. Во 2021 година учествува на изложбите „Експериментален цртеж“ во галерија MC New York, USA; „Мал формат“ во КИЦ, Скопје; „МиниАРТура“ во КИЦ, Скопје; Јубилејна изложба 75 години ДЛУМ, Национална галерија „Мала Станица“. Во 2022 година учествува на биеналето „Зимски салон“ во националната галерија „Чифте амам“; „Вечно танго-Астор Пиацола“, КО-РА галерија, Скопје; „Пролет и денови на Екологија“, КО-РА галерија, Скопје; „Нашата визија за Европа“ КО-РА галерија, Скопје; „Фестивал на светлоста“ Котор, Црна Гора, исто така ја реализира и својата 8 самостојна изложба во галерија КО-РА. Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство. Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа, пастел).
Comments