Изложба на македонски и српски уметници „Приватност во јавност“ во Мала Станица
Во Мала Станица, на 15 декември во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Приватност во јавност“. Изложбата опфаќа различни медиуми: фотографија, видео, дигитална анимација, инсталација.
Преку „Приватност во јавност“ седум уметници од Србија ќе ги претстават своите интимни стратегии и микронаративи, потпирајќи се на односот интимно-јавно, делувајќи во контекст на непосредната реалност каде индивидуалните приказни создаваат нови односи преку толеранција, емпатија и разбирање. „Семејство, дом, непосредна околина, поглед низ прозорец или од тераса, пријатели, дејствија од секојдневниот живот преведени преку уметнички дискурс зборуваат за еколошки, геополитички, социолошки и антрополошки проблеми, проблеми на засолниште, осаменост, номадизам, нестабилна социјална меморија, авто – меморија…“, посочуваат од Националната галерија на Македонија.
Уметници од Србија се: Силард Антал, Distructure, Стеван Којиќ, Весна Перуновиќ, Милета Поштиќ, Наташа Теофиловиќ, Драган Војводиќ. На нив ќе им се придружат осум уметници од Македонија со кратки видеа под заеднички наслов „Уметнички дневници во изолација“ снимени на покана на НГМ и кураторот Ана Франговска во 2020: Атанас Ботев, Искра Димитрова, Роберт Јанкулоски, Верица Ковачевска, Моника Мотеска, Кристина Пулејкова, Дијана Томиќ, Вана Урошевиќ.
Куратор на проектот е Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад.
Comments