top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложба на Елена Митреска и концерт по повод 10 години од „Креативен викенд“

Изложба на Елена Митреска, со поддршка на Партизанска штампа, по повод десет години од постоењето на уметничкиот проект „Креативен викенд”, која ќе биде проследена со концерт (изненадување), ќе се одржи денеска во кафе-книжарницата „Буква“.

„Креативен викенд” е културно-уметничка платформа за комуникација и соработка помеѓу уметниците од македонската и странските уметнички сцени. „Креативен викенд” постои десет години (2012-2022) и се одржува во уметничката резиденција во село Лазарополе, во периодот од мај до октомври. За овие десет години учествуваа голем број познати македонски уметници, меѓу кои и Атанас Ботев, Миле Ничевски, Ване Костуранов, Гоце Наневски, Доротеј Нешовски, Ана Лазаревска, Владимир Мартиновски, Петар Андоновски, Иван Шопов, Тони Димитров, Јордан Костов, и други. Гости на креативните викенди, освен македонските уметници, беа и уметници од Бразил, Мексико, САД, Јапонија, Кина, Германија, Шведска, Франција, Полска, Швајцарија, Холандија, Белгија, Австрија, Шпанија, Италија, Англија, Хрватска, Словенија, Србија, Косово… Проектот беше презентиран низ поголем број европски градови, како што се: Берлин, Париз, Мадрид, Гетеборг, Брисел, Женева, Виена, Регензбург, Белград, Загреб, Марибор.

Изложбата на Елена Митреска која се одржува по повод 10-годишнината на овој мултимедијален проект е насловена „Луминозноста на несвесното”. Ќе бидат изложени цртежи кои се поделени на два циклуса. Првиот е насловен „Whimsical otherworldly creatures” (Чудни вонземски суштества), кој вклучува неколку постари цртежи, во однос на другиот циклус кој е насловен „Dream keepers and whisperers” (Чувари и дошепнувачи на сонот). Првичниот импулс за создавање на цртежите потекнува од фасцинацијата од чудесните суштества за чие постоење не ни знаеме, чија егзистенција постојано нè изненадува, чија појавност не наведува да мислиме дека доаѓаат од некоја друга димензија.

Низ цртежите на Елена Митреска се забележува љубопитноста и интересот за симболичко изразување. Поточно, начинот на ликовно изразување на авторката наликува на арт терапија, или низ него таа се запознава себеси низ една поинаква призма. Му пристапува на процесот на нежен и креативен начин, односно, го користи како метод за работа на себе. Изворот на содржината на уметничкото дело во арт терапијата произлегува од нашето внатрешно искуство. Она што го претставува е автентично и затоа не постои вистински или погрешен начин да се направи. Во цртежите на Елена фокусот секогаш е на процесот и изразувањето на внатрешното, невидливо царство, а завршното дело е само доказ за трансформацијата која се случува на тој пат. Изработката на делото се користи за понатамошно разбирање на себеси.

Уметноста служи како терапија, таму каде што процесот на создавање уметност сам по себе е лековит, а за оној кој го практикува станува темелно, свесно, опуштачко искуство. Од перспектива на невронауката, делови од нашиот мозок кои се активни во текот на создавањето уметност се разликуваат од оние кои ги користиме за вербална комуникација. На овој начин нашиот внатрешен дијалог се стишува, што може да биде освежувачко и смирувачко искуство. Сликата нуди визуелен јазик, претставување на искуства во нашиот ум кои е тешко да се изразат со зборови. Уметноста е во служба на терапијата таму каде што таа станува средство за симболичка комуникација и пат до несвесниот ум. Неслучајно, ваквата техника на цртање, проследена со минцуозноста, деталноста и прецизноста, неретко се поврзува со мандалата. Мандалата на санскрит значи круг или комплетирање. Кога некој ќе изработи мандала, таа станува прозорец за истражување на сопственото внатрешно јас. Според Јунг, мандалата е репрезентација на несвесното себство. Човекот (микрокосмосот) ментално „влегувајќи” во мандалата и ,,продолжувајќи кон нејзиниот центар, по аналогија е воден од космичките процеси на дезинтеграција и реинтеграција. И на крајот, важно е да се знае дека не станува збор за некакви уметнички заслуги, туку повеќе за стекнување на одредена бавност, но и сосредоточување, за да се дозволи да се појави креативниот и интуитивен тек.

Елена Митреска е родена на 7 јуни 1986 година. Завршила на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Живее и работи во Белград, со повремени престои во Македонија. Во главно се занимава со цртање, а како материјали ги користи и керамиката, стаклото и дрвото. Сака да си игра, да патува, да плива, да чита, да скита, да вози велосипед, да експериментира во однос на креативноста, а најмногу од сè, сака да црта. See less


3 views

Comments


bottom of page