Изложба на ДЛУМ „Цртеж – Експериментален цртеж“ 2022
Друштвото на ликовни уметници на Македонија под покровителство на Министерството за култура денеска (27 мај) ќе ја отвори изложбата „Цртеж – Експериментален цртеж“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ – Галерија „КО-РА“ во Скопје.
“Цртежот е почеток на секоја идеја. Како најстара техника во уметноста, го негуваме, и предизвикуваме зачувување на иницијалната идеја, а низ експерименталност сакаме да поттикнеме кон свежа мисла. Третманот на техниката цртеж е индивидуален афинитет. Употребата на традиционалните материјали и пристап на изразување го почитуваме, а секој од нас во ова современо богатство на доживувања замислува и реализира крајна слика. Во повеќето дела претставени на оваа изложба се негува цртежот со едноставните алатки и материјали, јаглен, туш, молив, фломастер, но користени се и алтернативни материјали кои формираат цртеж и излегуваат во просторот на трета димензија, рефлектирајќи цртеж“, велат од ДЛУМ.
Во ова издание на програмската изложба ,,Цртеж, Експериментален цртеж” учествуваат 13 уметници: Жаклина Глигориевска Кочоска, Марија Светиева, Ангелца Стоиљковиќ, Ацо Таневски, Златко Глигоров, Јасмина Новковска, Перо Кованцалиев, Валентина Илијевска, Стефан Младеновски, Зулејха Зубери Али, Маја Танева, Ненад Тонкин и Слободан Живковски.
Наградата за најдобар цртеж оваа година ДЛУМ ја доделува на Жаклина Глигориевска Кочоска за делото со наслов „Inevitable restart“ .
Сите љубители на уметноста изложбата ќе може да ја разгледаат до 10. јуни.
コメント