top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Изложба на ДЛУМ – „Скопски урбани приказни“: Домот не е каде што си роден, туку каде сите обиди за бегство престануваат…

16.07.2024 juli Vtornik

Во Куќата на ДЛУМ (Илинденска бр. 63), на 17. јули со почеток во 20.30 часот, ќе биде отворена изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) насловена „Скопски урбани приказни“. Куратори на изложбата, која се отвара во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, се Уметничкиот совет и Маја Чанкуловска -Михајловска.

Според Чанкуловска- Михајловска, базирајќи ја идејата на годинешното издание на „Скопски урбани приказни“ врз поимот „дом“, почетните асоцијации сугерираат директна врска со конкретниот простор – куќата во која после седум и пол децениско работење е сместено Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

„Еманирајќи од познатата сентенца на нобеловецот Нагиб Махфуз – ‘Домот не е каде што си роден, домот е каде што сите твои обиди за бегство престануваат’, премисата ‘дом’ како место, живеалиште или засолниште, е проширена на повеќе слоеви на исчитување, но и чувствување. Во повеќето толкувања, кои можат да се и антагонистички, присутни се следните моменти: флуктуација на домот – (не)статичноста на просторот каде се поврзуваат и интерконектираат минатото со сегашноста и иднината, (не)постојаноста или (не)променливоста на истиот, реалноста и имагинацијата, присуството и отсуството …”, вели Чанкуловска- Михајловска.

Уметниците Ана Ивановска, Доротеј Нешковски, Шќипе Мехмети, Сашо Блажес, Марина Лешкова, Давор Кешкец и Сокол Марковски, преку различни медиуми и инакви перцепции ги претставуваат своите толкувања за Домот не само како физички димензионирана структура, туку и како (ин)директно чувство на припадност, опуштеност и сигурност, како простор кој ја дефинира идентитетската определба, утопијата, реалноста.

Инаку, домот како (не)постоечки реален или апстрактен простор на поврзување со личните, семејните или општествените фрагменти и референци, но и пошироките наративи (како што е примерот за „неистражената“ историја на „новиот“ дом на ДЛУМ) е простор на интимни доживувања, но и поттикнувач на критичка корелација со политиките на заедницата и општеството, вклучително и глобалните миграциски политики и кризи.


3 views

Comments


bottom of page