Изложба на ДЛУМ во Домот на АРМ: Македонските уметници ги поместија границите…
Темата на ова седмо издание на изложбата „Поместени граници“ е „Каде е границата…?“, а пред јавноста со свои дела се претставуваат 22 автори, членови на ДЛУМ
Делата на вкупно 22 автори, членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), се претставени на изложбата „Поместени граници“, која до 4 март ќе може да се проследи во галерискиот простор на Домот на АРМ во Скопје. Годинава темата на ова седмо издание е „Каде е границата…?“, а кураторскиот концепт е поставен од страна на Уметничкиот совет на ДЛУМ.
„Со оваа изложба, која е финансиски поддржана од Министерството за култура, започнува реализација на годишните програмски активности на ДЛУМ. Радува фактот што со свои дела во рамките на изложбата учествуваат и дел од новопримените 13 уметници кои од февруари се членови на нашето Друштво. Тие се одѕваа на нашиот повик и активно учествуваа. Поради големиот интерес на уметниците да влезат во ова Друштво, следниот конкурс за прием на нови членови ќе биде во мај годинава. Кон крајот на март ќе се одржи и Годишното собрание на ДЛУМ каде што ќе се избере нов управен одбор и уметнички совет. Следната изложба што ќе се случи во втората половина на март е ‘Современа скулптура’”, посочува проф. д-р Јана Манева-Чупоска, претседател на ДЛУМ, која заедно со Дијана Томиќ-Радевска, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ ја отворија изложбата.
Пред јавноста со свои дела се претставуваат 22 автори членови на ДЛУМ – Марија Мицова Гацова, Јана Луловска, Татјана Миљовска, Ема Петрова, Борче Богоевски, Слободан Живковски, Иво Пецов, Шќипе Мехмети, Марија Чепишева, Златко Глигоров, Стефан Јакимовски, Ана Спасова, Петар Миљковиќ, Ангел Димовски Чауш, Ацо Таневски, Стефан Младеновски, Ѓорѓи Динев, Душан Георгиевски, Нела Јанковска, Златко Бојковски, Зулејха Зибери Али, Љупчо Бојаров.
„Поимот граница, асоцира на некаков вид физичка, замислена, природнa, вистинска, политичка или емотивна барикада која означува крај, а воедно и почеток на нешто ново поразлично структурно, емотивно и концептуално… Низ самиот процес на поместување на границата, уметникот, го поставува прашањето и поставува дилеми, постојат ли граници и каде е границата..? Дали ја чувствуваме? Дали доволно делуваме да ги срушиме границите? Нашата мисија како уметници е постојана”, велат од ДЛУМ.
Изложбата ќе биде отворена до 4 март.
Comments