Изложба на дела од прилепската уметница Павлина Илијеска
Вечерва 4 јули во 19 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложба на дела од прилепската уметница Павлина Илијеска.
“Не само поради создадените дела, туку и поради бројните интензивни разговори за уметноста и за секојдневието кое нѐ опкружува, љубам да кажам дека Павлина Илијеска е пред сѐ човек којшто има неверојатна интуиција, што води кон мојот следен заклучок дека е авторка која ја изложува душата и нејзините пориви. И тие радосните, и тие страшните, или пак, тие тажните. Интуицијата која умешно ја пренесува и на платната со кои денес сме опкружени, без разлика на чувството кое во моментов како гледачи нѐ обзема, е следена од една заедничка карактеристика кој во уметноста често не ја забележуваме, бидејќи премногу сме фокусирани на доживувањето на насликанато, посебено ако ни изгледа познато, а помалку на неговата позадинска интерперетација. Таа заедничка карактеристика во делата на Илијеска е слободата, односно нејзиното интуитивно пројавување, без разлика дали сликарката ни претставува така наречени патриотски мотиви, или го допира егзистенцијалниот бит на единката. Занимавајќи се со единката, Илијеска вешто продира и се судира со стравот, неспокојот и потрагата по начините за повторно народување… “, вели меѓудругото во својот текст кон изложбата Звонко Димоски.
Инаку, Павлина Илијеска е родена во Прилеп, 1949 година. Образованието го завршила во родниот град. Интензивно почнува да слика на свои 57 години, во 2006 година. Нејзиниот опус до 2015 година брои над 146 сликарски платна со претстави на градски ведути и пејзажи, изработени во акрилна техника.
Comments