Изложба на дела од 36 уметници од Измир во Кавадарци
03.04.3034 April Sreda
Под наслов „Уметноста – Мост на поврзување на народите“ синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше отворена несекојдневна изложба на дела создадени од 36 современи уметници од Измир, Турција. Кавадаречката културна јавност имаше можност на едно место да ги види делата на овие уметници од Измир кои се составен дел современата уметноста на модерна Турција.
Куратор на изложбата е уметницата Ајнур Махмудова Каплан, која ѝ е добро позната на кавадаречката публика бидејќе редовно учествува на Меѓународната ликовна колонија „Михајлово – Кавадарци“. Таа посакува оваа посета на уметниците во Кавадарци наредната година да биде возвратена од страна на кавадаречките уметници и воедно да прерасне во традиционално поврзување на народите од Македонија и Турција. Всушност корените на оваа идеја преку уметноста да се поврзуваат народите има корени уште од пред петнаесетина година со нејзиното доаѓање на ликовната колонија во Кавадарци каде остава свое дела и искрено посакува делата на уметниците од Македонија да ја имаат можноста да ја презентираат својата уметност во Турција.
Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“
Посакувајќи им топло добредојде во Кавадарци на уметниците од Измир, Република Турција, директорката на домот на културата „Иван Мазов Климе“, Јулијана Туриманџова, ја потенцира можноста непосредно да се запознаеме со нивната уметност и уметничките движења во современа Турција, но и можноста нив за време на престојот во Кавадарци да ги запознаеме со убавините на нашата традиција, како и материјалното и културно богатство на Македонија. Во оваа насока на самото отворање на изложбата следеше настапот на оркестарот на традициски инструменти на музичкото училиште „Лазо Мицев рале“ под менторство на професорот Горан Јанев како и дегустација на македонски вина.
Comments