Изложба на акварели на Ивана Настески во Белград
- Aleksandar Santovski
- Sep 12, 2022
- 1 min read
Со изложба на акварели македонската уметница Ивана Настески до 16 септември се претставува пред белградската публика. На самостојната изложба во галеријата „Диварт“ во Белград се изложени 18 уметнички дела од сликарката.
Акварелите кои се изложени претставуваат циклус на тематска целина во која се обработени пејзажи од родниот крај, односно Шар Планина и Охрид, од градот, езерото и брегот.
„Акварелите на Ивана, без разлика дали уметницата се занимава со мотиви од одредена планина или подеднакво впечатливо со убавината на езерското око, секогаш во себе го носат препознатливото присуство на познатиот антички поим – ‘агон’ што означува средба и борба, но не само со надворешен противник, туку и со оној кој сите го носиме во себе и кој нè поттикнува да не се откажуваме и да се бориме за подобро јас“, пишува ликовната критичарка Весна Тодоровиќ во текстот од каталогот за изложбата.
Ивана Настески има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. Таа магистрирала на истиот факултет на отсекот Графика и графичка техника. Досега има изложувано свои дела на повеќе групни и самостојни изложби во земјава и странство. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и „Гранд При“ за графика од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Comments